мувлосан прид.

мувлосан (прид.)

Во Арсо се покренуваше жестина да ги изгази овие ломливи и мувлосани остатоци на некогаш високи велможи, понизно послушни пред својот господар, жестоки кон обичните мали луѓе, заплеткани во интриги и измами.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Цел свет со виолини, вели, а ние со мувлосана гајда, небаре мрша да ти квичи пред носот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Селаните му го заборавиле зографското мајсторство и без сожалување го гледале како ги влече нозете со мувлосан студ во исчанчените колкови.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Имаше тука секогаш и коски од риби и парчиња од лук и мувлосан целер.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Мириса на мувлосано, на здивот на пијаниците...
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Тоа беше само знак на нејзиниот отпор спрема Партијата и спрема сите нејзини прописи и на некој начин му изгледаше природно и здраво, како кивањето на коњ кој помирисал мувлосано сено.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
А лебот? Лебот мумурузник! Од мувлосано брашно!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
По десетина минути, стариот го симна торбулето од рамото и од него извади две жолти дуњи, две суви китки босилек, едно крајче мувлосан леб и празно пагурче.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Кога некој ти зборува за борба, за победа, за јунаштво, а не си го видел на прва линија, во долгите ноќни и истоштувачки маршеви под дожд и големи студои, кога никогаш не влегол и не останал заедно со тебе да преспие во влажните и мувлосани земјанки, не зачекорил во калливите ровови, не му посинало рамото од носење на митралезот, минофрлачот, сандакот со муниција, носилката со ранетиот, не те посетил во болница кога си бил ранет, никогаш не каснал мувлосан леб, не пиел вода од матна и каллива локва, никогаш не сркнал од булумачот – изматеното брашно во млака вода, не пасел трева и на пролет не јадел набабрени пупки и младо лисје, никогаш не ти ги видел раните преврзани со валкани партали, загноени, црвјосани, – таквиот не ти е мил...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Тој мислеше дека внатрешноста е влажна и мувлосана, но таму имаше отвори за врати, како оној низ кој мина тој, на тесните страни, лево и десно, струи воздух, како и снопови светлина влегуваа низ тие отвори.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Сега Прењес тоа не е мувлосани стари италијански војнички бараки, магазини и коњушници.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Врши градација на душата која се поматува и се губи во студените, влажни, мувлосани монументални простри на сивото секојдневие во кои се губи изворот на светлината, ткаеж од спомени кои се параат во темнината.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Само што фрли поглед кон мене допрев до твојата мувлосана душа и можеби изгледа немилосрдно во неа сакав да направам масакр Велиш дека сум недостоен за тебе конечно за нешто да бидеш во право влегов во твојата самобендисана душа и сакав безмилосно да направам масакр Се плашиш од смртта ко ѓавол од темјан но не знаеш дека си одамна мртов го чуствував твојот трулеж одвнатре и повторно сакав да направам масакр
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Седна на мувлосаното столче и на кружната ореова маса и ги распосла домашните колбаси и сушената сланина.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Гнил, мувлосан мирис на ќебињата.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)