изора св.
изоран прид.

изора (св.)

- „Море терај ги, бре внучко, воловите, не пули се по чавките, оти треба до ручек да ја изораме нивата.“
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
– „Е лели и ова не ми го веруваш, бре татко, ами кога беше ти на орање во големата нива, лели ти ги тераше Велко воловите и јас си зобав црви во браздите изорани; ами лели Велко ти рече два три пата: дедо, дедо, нашиот штрк ете го зад тебе, и ти на треќиот пат ме удри со остенот и ми ја окрши писката од ногата, та едно чудо време боледував, одвај дури оздравев.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Светот, оној свет чии чела грижата ги изора со плугот на неизвесноста, очекуваше уште многу топлина од сонцето.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Пред селото застана крај својата нива и го извади лулето. Ќе те изорам и без коњ.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Бидејќи фронтот овде мируваше долго време, војската имаше време да го изора ридот со ровови, како по линијата на фронтот така и во правец на отстапниците и пристапниците што обезбедуваше максимално добро функционирање на војничкиот живот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Лаката од Адема беше голема, пет кила семе бери, а бегот сака неделава да биде изорана и посадена царевка, инаку се знае, ќе го јадат остенот секој ден.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Сал една изорал бразда ламбени шишиња да садиш, а веќе кубе „светли влакна“ од брадата на бога...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Сега здрав и со бистар ум, се прегнал во рало. Изорал малку земја.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Да, да, ќе изорам нива, ѕевгар ќе исхранам, бунар ќе ископам, бунар е сега најпотребен.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Во мене сега вирее добрата намера, онаа потреба за која еднаш веќе ти пишував - да изорам нива, да посадам дрво, да ископам длабок бунар, па и црква да изградам и на неа, место еден, два крста да ставам.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
- Не е проблем... нема никаков проблем...ако мора, мора! – му одговори таа - Јас не чекав многу само неколку месеци. Сама изорав.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Како да си ја изорал „Илинденска“ со рало или како да си расчистил шут од една срушена зграда што никнала, а не добила дозвола од власта на време (Ова дека ем ораш, ем плачеш, не за друго).
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)