зулум (м.)

ДЕПА: У, зулум голем, кој викал на маче коте?!
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Оној народ, кој што така непосредно и со изострено чувство го воспевал својот живот, зулумите на турскиот поробуач, борбата и Гоце Делчев; љубовта и разделбата, - не можеше да ги остави во себе да вријат впечатоците од великите денои на народно-ослободителната војна.
„Од борбата“ од Блаже Конески (1950)
Не сум дошол зулум да ти чинам.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Вистина ќе го убиеме и Луман без јатак помалку зулуми ќе прави, ама затоа друго лошо ќе сториме: синовите и внуците ќе сакаат да одмаздат за него.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Ги зеде тој уште двете лири од аманетот на татка ѝ на Трајанка, направи триста други зулуми сѐ додека еден ден не ја зеде работата во свои раце дедо Геро војводата и неговите двајца комити.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Старците му ги отворија своите намачени и настрадани души, се исплакаа од големите зулуми што ги претргаа летово и уште што ги тргаат, и го замолија да им помогне некако ако може.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Попот и Васил му раскажаа од почеток до крај, Анѓа ги дополни за зулумите од прилепскиот кадија со своето ропство кај него.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Се избистри работата дека таа област – Мариово е личен султанов хас и дека прилепскиот кадија навистина им правел зулуми на тие луѓе.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
По наредба на пашата: агите и беговите, кои вилнееја овде и им го загорчуваа и правеа неподнослив поминокот - не можејќи повеќе да живеат без зулуми, ги напуштаа своите кули и се иселуваа во други краишта.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
А сосем напред одеа и им го покажуваа патот Турците од некои крушевски села, на кои крушевските востаници така великодушно им простија за поранешните зулуми.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Зулуми од спаиите и од беговите насекаде. Веќе не се трпи.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
„Ете, тие се злото на царштината и тие ќе ја урнат, а не овие домаќини луѓе што се креваат да си ги заштитат своите имоти и животи", — си заклучи тој и си отиде во Битола да му рапортира на својот бимбашија, а преку него и на самиот Бахтијара дека во неговото село зимоска убаво поминал без да имало причини за зулуми правење.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Многу старци и старици се пренесоа во далечното минато и почнаа да тврдат дека овој ќе биде Крали Марко, кој преспал петстотини години во некоја пештера по Мариово, каде, кога влегол ја закачил сабјата во стената, која сега сама паднала, го разбудила и му рекла дека дојде времето кога треба да му одмазди на Турците за нивните зулуми.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Насилијата, зулумите што ги правеа авалеџиите при собирањето на давачките, го раздразнија Толета до немајкаде.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Таму спиеше кај една жена од селово пребегана со маж ѝ и ќерка ѝ од качачките зулуми.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Тоа е борбата на Ѓурчин со еден одметник - јаничар, кој вршел зулуми меѓу народот од Солунскиот крај, каде што Ѓурчин одел на зимување со своето стадо. Јаничарот се викал Алија.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Во 1826 година, кога султанот Махмуд II ги ликвидирал јаничарите, Алија се одметнал и вршел зулуми над народот, а покрај другото барал под шаторот да му доаѓаат убави девојки.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Игуменот им го покажа бунарот во дворот од црквата прокопан до самата вода на езерото, од кој, во денови на зулуми и опсади, црпеле вода за пиење.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Во листата, меѓу другите, се најдоа и зборовите: арам, муфлуз, резил, тамаќар, башибозук, шашма, далавера, алашвериш, ќелепур-софра, џева, беља, гениш, курназ, маскара, едепсаз, марифет, сафра, рушфет, џамбаз, суртук, мамлаз, чалам, табиет, чаре, јаваш, ајде, таксират, тарапана, ујдурма, усул, чешит, џабе, џган, џумбус, батакчија, бадијала, зулум, налет, угурсуз, шерет, гајле, гајрет, грбал, душман, далавера, дереџе,зандана, зијан, ифрит, калауз, курбан, курназ, маскара, мамлаз, намќор....
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Повеќе