доселеник м.

доселеник (м.)

71. Бурите се некогашни холандиски доселеници во Јужна Африка, кои по незадоволствата од англиската управа во 1831-1835 год. се преселуваат во Трансвал и Оранж и образуваат свои републики.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И намерно не знаат како се викал, едни го крстат Григорие други Георгие, и намерно не знаат ни од кое колено на Акиноските бил, дали од првото што се доселило во Потковицата или од некои од подоцнежните (и покрај што настаните, видовме, укажуваат на првото, врзано е за првите доселеници Турци во Потковицата, конкретно за Арслан бег, но кога човек ќе му обрне внимание на тоа, тие, за да му дадат уште поголема зачуденост на сето ова, за да ја изедначат сета таа историја со божје претсказание, си плукаат во пазувите, крстејќи се бошотат нејасни зборови и избегнувајќи да одговорат или да го продолжат разговорот, итро и брзо ја менуваат темата) но бил стар, мошне стар, и праведник.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Потоа некој друг продолжил несвесно да се движи во пренапнатиот Онисифор Проказник, се исправил во него со извлечен јатаган од крваво месо и пошол со искривено лице да сече и да реве со зборови на одамна умрените први доселеници или староседелци на тоа парче земја.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во тоа време, некако со тивката побуна на селаните од намуртеното Кукулино и од Побожјане, Кучковица, Мирковци и трите осамени куќи над Јанакан, некој доселеник од Измир, Селџик-бег, по татко Турчин, по мајка Ерменец, осиромашен куц поет, запишувач и опишувач на обичаи и познавач на народи и балкански јазици, застанал на страната на ограбуваните.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кинески доселенички роман, тоа е сега во мода.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
2. Кога ви велам Така ми било пишано И пишано и судено (а од пишаното не се утекнува) Уште во првиот сон Да го видам доаѓањето на доселениците Кои сите до последен беа осудени На активно учество Во создавањето на новиот свет Новиот свет и новата нафака
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Не ми се верува дека и сега е така во Македонија Ако има божја правда не би требало да е така Зошто инаку би ми кажувале сите дека Македонија Е европска земја во изградба А самите Македонци едно време далдисани Од братството и единството и затрчани по ударнички значки Самите Македонци значи велеа Дека додека трае обновата и изградбата нема одмор А богами начув дека и во последно време Чекореле преродебенички и надградено Иако не разбирам баш точно што е тоа вели Папата Сепак верувам дека еден ден ќе здивне и тој народ Иако никогаш не си начисто со народите чиишто водачи Немаат поумна работа па катаден повторуваат Дека имаат библиски корени Бетер се од папагалите какаду некои водачи на Македонците На кои јазиците им се одамна отечени од извикување празни пароли Ако продолжат така на некои водачи на Македонците Можеби ќе им паралдисаат и очите Од непрестајно гледање во огледалцето од приказните Коешто вешто ја мамело грдата сопственичка Дека најубава на светот е баш таа Така непредвидено ни скршна муабетот со Папата На македонски теми а јас не му кажав ништо за тоа Ни а ни б не реков иако од порано бев чул во близина Некои доселеници како на глас викаат Македонија на Македонците Викаа нешто и за земјата на земјоделците Од што разбрав дека Македонија е земјоделска земја Викаа нешто и за Солун дека бил нивни Ама едни други доселеници викаа уште понаглас
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
15. Колку и да се склукаш со историја Не можеш да избегаш од сегашноста Беше рекол некој умен И јас му верувам Оти на своја кожа знам Дека колку и да се клукам со еукалиптус Не можам да избегам од соништата А сегашноста се полни со стари соништа Ѓоа надградени и надополнети И по секоја преродба се прогласува нова преродба Во долината на среќно преродените Никнуваат нови цркви и џамии Со ниет да бидат уште постари од најстарите На сека ритка никнуваат и големи крстови Колку крстови толку неразгатнати крстосници Никнуваат богами и нови затвори За затвореници колај работа ќе се најдат и фазла При толку бујна стварност Поетите цапаат во Петреви Вирови Колку поети толку друштва на мртви поети Сега секоја суша вели дека животот е некаде другаде Што впрочем се гледа и од брановите нови доселеници Макар што во последно време другаде не им е Австралија ами Италија Каде што се преселуваат цели села од долината на Радика И таму си формираат нови населби со роднокрајните имиња Сега засега не се чуло ни разбрало Како стојат таму со цркви џамии и настава по веронаука Но мене ме загрижува тоа што ако тој пат го фатат иселениците Нема да има кој да се доселува во Австралија А без новите доселенички приказни од Цапари Животот тука би бил ептен здодевен Како што е здодевно тука летно време Кога децата на доселениците одат во стар крај Да научат троа од мајчиниот јазик А како бонус им доаѓа што ќе научат Како се поставуваат светски рекорди во брзо донесување закони А тоа воопшто не е како олимписка трка во брзо одење Зашто таму каде што има брзо ломотење нема брзо одење
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Во вториот бран на доселеници во селото пристигнав и јас.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Тука, на плоштадот Свети Марко во Венеција доселениците од Македонија неодложно се потсетуваат дека од памтивек се навикнати на печалби и селидби, навикнати се водата постојано да им е до гуша во живеачката, навикнати се и кога пеат да ја колнат туѓината.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Доселениците од Македонија во Венеција не ги читаат босанските поети кои пишуваат за потонувањето на градот – чуму да се чита потонувањето, велат, кога ние секиден го живееме тоа, чудо големо, градот потонува, ама ние секогаш сме над вода, мешаме малтер за обнова на старите палати, во малтерот, напати, за курбан, мешаме и по некој спомен од детството, а каде што треба, во обновените ѕидови на операта Феличе, на пример, заѕидуваме и по некоја нашинска песна, да се најде ако затреба, а каква што е непредвидлива иднината, секако и ќе затреба.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Така велат доселениците од Македонија за пропаѓањето на Венеција: ако било пишано да се пропаѓа, тогаш нека се пропаѓа барем отмено, сосе Венеција - живо сведоштво дека на селидбите на Македонците сепак не им се гледа крајот и од највисокиот морски светилник
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Се разбира, човечките јазици се во вечна еволуција, тие исчезнуваат, доселениците донесуваат нови јазици, дијалектите дивергираат до неразбирливост едни за други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)