голтне св.

голтне (св.)

А мракот на смртта ја голтна без милост и таа фиданка бог што ја даде.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Последните сокови од занесот на Русите, и со тоа и надежите на Македонците на Русија, беа голтнати од Бугарија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Оттука е јасно оти Бугарите ја голтнаа пилулата и доцна е да си ја исправат грешката.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
СПИРО: Та, не си го, безбели, да простиш, чорбаџи Томче, не си го голтнал наместо локум.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Грлото му се исуши, не може плунката да си ја голтне, а ете Бојана, проклета Бојана, пак го праша: — Тебе те прашам, море сому, шо не кажиш кај одиш? — и пак се насмеа сама и застана пред магарето да не може да помине.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Но не можеше да ја изџвака, начнувајќи ја малку по малку, еднаш сосем да ја голтне - и неа и човекот, и сите болки во таа облека и во тој човек.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
- Пропаст. О, зини земјо, голтни ме, ако треба со оваа да легнам...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Не можеше да ја голтне плувачката: грлото рана му беше, го болеше...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Лавот зина и ја голтна, и јас дојдов без сенка в село.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Го нема веќе ни германското врескање, ни нивното заканување, ни кантите со бензин приготвени сѐ наеднаш и подмолно да збришат и голтнат.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Вистина, место на крокодилот можев да налетам на некоја голема змија што може да голтне бивол, или можеше од зад некое дрво да ме пречека горило, но им ветив на црнците да ги ослободам од крокодилот и јас тоа морав да го сторам.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Кучињата чекаа пред вратата. Им фрли по едно парче, внимавајќи да не се степаат, тие ги голтнаа лакомо, речиси без задржување в уста и со широко отворени очи пак се испречија пред Бојана.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
САЗДО: А тој ме гледа божем игла голтнал.
„Го сакате ли Дебиси“ од Лазо Наумовски (1973)
4. ГОЛЕМ ЗАЛАК ГОЛТНИ, ГОЛЕМА РЕЧ НЕ РЕЧИ - притоа и сит довека и спокоен до гроба ќе си, со таа слобода и пред олтарот на ропството клечи и моли за своето право да бидеш тој што не си...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
„Докторе, докторе”, му велеа луѓето, „гледај ти од државата да добиеме отштета за добитокот што ни го голтна војната, а не држи предавање како треба да се јава крава...“
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
„Нека кара, вели Ѓеро, да нѐ голтнеше морето, не ќе имавме кој кому да си ја караме мајката...“
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На масите нашите луѓе се побучни и тоа е невообичаено за овдешните луѓе, кои гласот го повишуваат кога ќе голтнат повеќе пиво, или од она убаво чешко вино „Лудмила“.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Ми врне, локоти. Отворај се земјо, мислам, отворај се земјо и голтни ме, потрагата да не ми се знае. Поштивијата...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Пак му ги турам во пајнчето, Ех, некако се напи: на трипати, на четири, Голтни, па издиши, почини се. Па пак голтни. Така.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ме трга земјата, калта. Ме влече, ќе ме голтне. 94
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе