врбов прид.

врбов (прид.)

И на масата од даскалот Бино секојпат се наоѓаа по две три врбови шарени прачки, донесени од одлични ученици, и не беше редок случај да имаат тие работа.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Другиот праша: „Како се обесила месечината на врбова гранка, Исусе?“ „Вие сте мајмуни“, воздивна. „Тешко тоа ќе го сфатите.“ Го жалеа. „Момче во болницата сѐ ќе сторат за тебе. Верувај ни, сѐ.“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Не сум Исус и, сепак, многу знам.“ „На врбова гранка?“ се расони едниот од нив; се гледаа зачудено.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
„На каков клин?“ не сфати Мирон; и пак во своето тапо настојување, не сфати: „На врбов. Потопен во света водица и опеан со псалмите Давидови.“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Трајче продолжи нагоре низ врбјакот, се распули наоколу, скина едно танко врбово гранче и го пикна во кавалчето.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Се изненадија кога го видоа седнат во ладот на ѕидот зад нив, со куп врбови прачки како плете некоја голема кошница: - Ти си ја тераш таа решетарската, - рече Србин.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Го гледаа секој ден по сончево време или по дожд како шета крај брегот, се пика во трските, шеварот, рошка со рацете низ гнилежот и врбовиот густеж и ја полни торбата со секакви дрвца што ги наоѓаше.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Се слуша само некое чкртање на болни дробови, нечие пискање на носот, како на врбово свирче.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Од сите поранешни привилегии им ја оставија само таа, да живеат на Имотот и да управуваат со Потковицата, да не мораат, како другата христијанска раја, да работат на полето, но и да опстојуваат делејќи го со неа, со своите довчерашни отроци, тоа што ќе преостанеше по толкуте давачки: покрај приходите од полето, од шумите, од ливадите, од лозјата, ним, на султаните, мораше да им се исплатуваат давачки и за патиштата, и за поилата на добитокот, па дури и за блатата и мртвиците во кои жителите на Потковицата ловеа риби и береа шамичишта и врбови прачки за кошари и кошеви.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На поплочена плоштатка пред црквата, во камено корито, низ железна шепурка, живо и осамено истураше чешма, а во неограденото и заедничко двориште на црквата и населбата, околу кошарки од врбови прачки, кои беа начепени со лепешки измешани со плева и помеѓу кои се шеташе живина, шумно се роеја улишта.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Врбовите гранки со прашливи и свенати лисје нè удираа по лицата.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Пак почнавме да удираме по стеблото и да буричкаме во ралупот со тенки врбови прачки. Ралупот немаше дно.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
По три дни, го видовме како занесено свири на свиралка изделкана од врбова гранка, чекори како да чекори кон небесата, се крева ко да го носи морско ветре и го поткрева од земјата, а по земјата, занесени од свирежот, лазеа безброј змии, со кренати глави кон свирката и кон очите на нашиот другар.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ја тепал жената со стап од врбово дрво и тоа по дебелите меса.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Соседите беа браќа, со семејствата: едниот овчар на бегот, а другиот задолжен за плетење кошници, врбови леси и рогозки од шеварот.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
10 О Хошано! – „О, Спаси!” обред во кој седмиот ден на празникот Сукот верниците со врбови гранчиња во рацете го обиколувале жртвеникот на ерусалимскиот храм, како впрочем и верниците во современите синагоги барајќи го божјото спасение
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Една постара професорка со дебели наочари, какви што ги замислуваме оние од „старата школа“, кои на почетокот од кариерата на немирните им удирала заушки и ги потчукнувала со врбов стап, сега молежливо гледаше во професорот до неа, нервозно врткајќи се на столчето.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
„Овде секој секого ебава,“ рече господинот со долга седа коса врзана во реп, кој во едната рака држеше нотес, а во другата врбово гранче.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)