брадест прид.

брадест (прид.)

Лицето на Кузмана се црвеше; стенкаше како да ќе пукне под стискањето на брадестиот бездомник, а пукаше палтото на овој, другиов, како некој однатре со нож да го пара.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Првиот брза пред другите двајца: - Ја зобаш ти народната мака и на оро, си со брадестиот јарец талјански и швапски и со сите твои и заслужуваш да те избричиме под грло не како што бричи селскиот бербер Кузман па сѐ влакна бијат од лице туку ќе те избричиме јас Мушмула и Сотир ниедно влакно да не ја пробие кожата.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Сѐ додека двајца брадести атлети не го однесоа во стара кола.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Сите ликови, сите оние брадести оклопници, сите ковачи, колари, стражари, трговци, што тој преку своите мисли ги населуваше во таа древна населба, сега му откажуваа послушност.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Го прашав има ли меѓу нив и некој Македонец. Тој ми покажа едно слабуникаво брадесто момче, малку наднаведнато, кое под мишка носеше блок за цртање.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
- Еве ја, позадинска вошко, мојата револуција и сите брадести, мускулести и ќоси големци !
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Уште пред да може да им се најде некакво поголемо значење на нејзините врели и недоречени написи (секако под псевдоним) во весниците Дрошак и Про Армениа, некако во времето ерменско- македонскиот митинг во Париз, во 1904, или порано, Рубина Фаин сѐ почесто сонува црвени пожари и виорења на пламени знамиња над кои, сличен на легендарниот громовник стои таткото на ерменското револуционерно движење, Кристапор Микелјан, жолт, расторбешен, куц и брадест, сличен и на праматар и на изгладнет филозоф, човек во чии очи можела да се прочита болката на сите испозаклани Ерменци од преострите сабји благословени од самиот султан, од неговите суви усни без насмевка и затворени во венец на побелена брада, света и злокобна како за него.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Еден од луѓето во бели бечви, не со лице на крстен туку сув крстител, висок, брадест и кадрав, трчал кон него со бласкав нож чиниш сака само да го заплаши, да го чалне малку колку да го ослободи од грижи и двоумења и, разминувајќи се со него, да го продолжи патот кон некоја своја голема цел.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тоа биле студени години во кои сиромаштијата под планинската црногорица му плаќала на султанот данок со крв, кога делии со зелени чалми ги собирале машките деца и ги носеле во булук кон Стамбол и кон Едрене, таму да ги потурчат, да ги научат да бодат со копја и да сечат со синџири, и самите подоцна, како брадести јаничари искитени со шарени перја и натоварени со топузи и криви сабји, да собираат нов данок во крв и да се борат против ајдутите во чии чети бил и Парамон Мечкојад.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Другата страна пак, српската, своето чудовиште го креира од елементите на хистеричното православие, мешајќи ги православните икони со опинците, фолклорниот лелек со четничките ками и брадестите убијци.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Пред насобраната толпа стоеше Водомар, брадестиот осаменик од шамакот крај езерото,огледало на сонцето и месечината.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Во триесет секунди, пред моите очи изминаа триесет години, можеби и повеќе, четириесет, педесет, и јас се видов истоштен и намален, двојник на брадестиот Водомар или на човекот со два гласа.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Пред Краста кој е некаде на средината се појавува еден брадест младич со малечок микрофон в рака.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
И покрај ваквата зафатеност, Р не престана да мисли на Ирис, која во меѓувреме се омажи за брадест козметичар.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Брадестите бурлаци запинаат да ги повлечат нанапред уморните октомвриски дождови и сѐ туку се допрашуваат онака на кирилица - тагата превртена наопаку радост ли се вика?
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)