недопиен (прид.) - чаша (имн.)

Во крчмата останаа неколку недопиени чаши и сурова, стовековна тага.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Над ситните бранови од седнати та принаведнати, се крева крупниот бран станати та исправени - импозантната екипа од главната маса се подготвува да си оди: режисерот го зафрлува фовистичкиот шал преку рамо, истегнувајќи си ја снагата во височина додека таа му оди во широчина; авторот си ги бара очилата по масата иако тие му висат на носот, не испуштајќи да е близу до режисерот како преведувач секогаш при рака; примадоната се огледува по сите маси, не толку за да им упати снисходливи насмевки колку тие да видат дека е уште ненадминлива; и најпосле примадонот (а како инаку да се нарече?), трипати женет и трипати разведен, но со црвен каранфил на реверот и готов на четврти пат кога веќе не била трета среќа, далдисан во главната ролја дотолку што си ја понесува недопиената чаша.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)