за (предл.) - појас (имн.)

Го исчука на една гламна, го извади од џебот ножот со чклен врзан за појас, го иструга лулето одвнатре и го прибра во џебот од џамаданот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Го извадив од џебот ножето што ми беше врзано за појас, пресеков од една грмушка подебела гранка и ја скратив од двете страни така што в раце ми остана едно чукало.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Се исправи, ги крена свеќите и забележа човечка прилика, иста онаа што порано ги следеше; во рацете имаше секира и стрчна да го удри; полковникот исплашен, му ги фрли свеќите во лицето, инстинктивно се фати за појасот, но пиштолот го немаше со себе; свеќите го збунија напаѓачот, и тој ја фрли секирата кон полковникот, но тој се поднаведна и таа профучи над него удирајќи во ѕидот. напаѓачот почна да бега, а полковникот стрча по него кон врата; во дворот се покажа калуѓер кој одеше да ја затвори црквата.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ние се фаќаме за појас, а тие го ставаат прстот на уста и ни прават вака: ни кажуваат да бегаме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Не го држам за појас, му велам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Други пак луѓе, сосема спротивни на првите: добро угоени, избричени или со убаво потстрижени бради, измиени, богато облечени; со широки чоени или кадифени потури, со свилени појаси, со срмени елеци и севозможни златни и сребрени накити, со пиштоли за појасите, гордо се шетаа низ пазариштето броејќи ги по стоти или илјадити пат килибаровите броеници со меките и чисти прсти.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Напред колоната јаваше на зелен арапски коњ прилепскиот кадија и беглер-беј Арслан ефендија, средновечен човек на 40-45 години, строен Турчин, со одвај пробелени брада и коса, живи големи црни очи, долги засукани мустаќи, широко чело и плеќи, малку покус врат, добро угоен, богато облечен по ориенталски, со голем турбан на главата и сребрени пиштоли за појасот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И додека ја вдишувавме и ја голтавме сладината, таа од џебот ја извади сојката со сиџим врзана за појас, ја пресече тиквата на фаши, парче отсечуваше и парчето секому му го подаваше со рака.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Србинчињата играа ситни ора. Ќе се фатат за појас, под мишките и само ќе претаат со нозете.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)