шушка (несв.)

Тих ветрец вее - низ стрмни странки, се буди гора, - шушкаат гранки, - асики танки...
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Но слушам: навистина под нас нешто шушка.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
- Слушаш ли? црвен и испотен шушкаше Кузман и ми се внесуваше в лице. - Слушаш? Тоа што баравме најдовме.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Шушкајќи нешто низ брадата, пцоста или молитва, го зврте неколкупати околу себе како да бара место кај да го фрли но сепак не го тресна од земја.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Под испреплетеноста на неговите прсти шушка сапуница.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Само под неговите чевли ќе шушкаат лисјата во улицата со темни дрвореди.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Риби, риби, рипчиња... Нежно и грубо, тивко и гласно - како да се препорачуваа секакви риби - кркушки, крапови, сардини, гласот шушкаше како вечерен навев - надоаѓаше, се разлеваше, се повлекуваше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Удираше со тупаници по вратата. Отвори, отвори, пак шушкаше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Затоа и не забележа. Колоната полека заостануваше, се разредуваше и нескладно се збираше а во својата безгласност на стара хармоника со закана шушкаше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Крвавите отпечатоци тој само ги насетуваше во темнината - прогонувачите по нив не можеа да го најдат. Револвери, шушкаше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Тенките глуждести прсти му играат и шушкаат со хартијата.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
По широките, како флорини, светнати скали долго крцкаа чевлите на мажите и шушкаа копринените фустани на жените. Куќата натежна од свет...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тревата околу нив шушкаше како да пука сама од себе. „Минатата недела најдов погоре детелина со четири листа,“ му рече таа и зафрлувајќи ја главата се загледа во небото.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ноќта мирисаше на смола, шушкаше како онаа шума во која се враќаше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
И не се праша во таа куќа, дали е делник или празник: коприната шушка од утро до вечер.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Земјата меко шушка и се дипли под неговата брада.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Што ли ќе е? Сосем близу до него нешто шушкаше, се помрднуваше.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Тој ден во градот почнаа да се случуваат најневозможни, просто несфатливи нешта: наеднаш цела една петокатница блесна како илјадници невидливи молери да ја премачкале за секунд со сончева боја; наеднаш една липа се претвори во златно дрво, чии лисја место да шушкаат нишани од ветрот, почнаа да ѕвонат; наеднаш железната ограда на мостот стана златна, а еден минувач изненаден од тоа, падна во реката...
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
- Добровечер - лисје шушка и сонливи птици гушка.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Србија се сели кон Македонија, се шушка, Србија се преполовува. 244
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК