шарен (прид.)

Мејанџи море, мејанџи, Донеси вино, ракија, Да пијам да се опијам На бели гради да заспијам Стамено, Стамено, Де гиди, пиле шарено
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Гробник еден!... за него личело да се забере и да пее под пенџере. (Николаќи повторно пее под прозорецот): Сечи, моме руса коса, Сплети скала да се качам, Да ти влезам, море’ море, в одајчето, В одајчето шарено.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Отишла Милка на вода Со две стомниња шарени, По неа овчар будала: „Дај, Милке, да те целивам!
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Не можеш болка да кажеш, на мајкин роден јазик свој песните што ти пеале над тиха лулка шарена, не можеш да ги запееш, дедовци што ти шепнеле на скут во ропски години не можеш да го повториш.
„Робии“ од Венко Марковски (1942)
Како огромен шарен килим долу се простираше полето и искапено во утринската роса се преливаше во златото на узреаните оризови класја, во зеленилата на тутуновите стеблинки, а тек-тук се белееја и снежните пахулки на памукот што избиваше низ распуканите чушки.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Тој извади од џеб два камена изврзани со коноп и со шарена минерска врвка.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
- Одиш ли в гимназија? ме праша и млитаво извади од шарена хартија парче млечна чоколада.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Страшен и семоќен ми се стори крај шарениот глобус - како господ, господар на Земјината топка.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Потоа - тројца акробати на трапез, пет дресирани кучиња, кловнови во шарена облека.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Од срце ќе се радуа со печес чеда шарени.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Седнаа едно до друго на шареното килимче од бабата Доста, втренчија очи едно во друго, и сѐ така молчејќи — се прегрнаа како сите младенци во првата ноќ. ***
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ристе веќе донесе и мезе. He како кај Лесната: само сирење и јајца, ами извади, пезевенкот, и разни шарени шеќери, суво грозје, леблебија, смокви, та дури и еден пјат сторени пиперки.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Луман се бркна во појасот и оттаму извади една шарена шамија во која нешто беше врзано. Ѝ ја подаде на Танасица.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Зашто знаеше дека мајка ѝ оди да ја извади онаа петолирка од ралото шарени зетовски чорапи на татка ѝ што тој ја прати како аманет од Влашко пред да издивне.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Дијамантски рудници, распеани палми, шарени птици на дланка.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ги има секакви - ситни како пупунци, брзи како полки, шарени како клукалци.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во неговата близина нема никого. Куќите трепетат како да се испаруваат. Проѕирните неонски светилки со безбројно шарени зраци.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Шарено око на тишината ноќ и долго зборлесто молчење.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Во нив растат црвенокапи печурки, и не се тоа, човешки домови се, села, куп шарени велигденски јајца.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
На мала цврста лединка прскаат жолти сонца под копитата на гладот Темни концентрични тежини бујат над пејсажот зрел што плаче со искри од леб Луд виор од млади надежи сонува шарени звуци – широка песна на ветрушка Огромни товари ден лазат по долгиот пат од солзи и од смев
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Повеќе