фес (м.)

Застанал зетот пред врата и сите сватови на коњи, наметнати со белите јапанџаци, на главите фесови тунузи преврзани со белите чалми, опкачени сите со пиштоли жолтомедни, а на нозете сите со скорни црвени.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Влегува веднаш по дигањето на завесата, бришејќи. го грижливо со четка фесот на чорбаџи Теодос, оди полека на прсти, зборува тихо плашејќи се од својот сопствен глас.)
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
И бос и прашен, агата вџашен бега - зафрлил фес...
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Гимназистите си дојдоа од Прилеп во градски алишта: палта запетлани до гуша со жолти петлици, пантолони со широки ногавици и нови углеисани фесови со нови пискулчиња.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Токо, тоа се стори шо се стори, гледај ми си и Доцо дечињата и барај ми си капа според ќелавата глава, та не гледај оти векот носиле фесови со пискули или дури и паларии. Тие глави се други глави.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И штом убаво се развидели, го нагрна кусото, со срма извезено џамаданче, го накриви испегланиот, тукушто донесен од калап фес и, мамурлив од пиењето и неспањето, тргна сам со Бакала накај езерото.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
На ѕидот кон бавчата виси портрет на свекорот во природна големина, со фес на главата и астраганско џубе.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тоа е чудна глетка: нож по кој блескоти разлеаната крв на сонцето и глава, на која вивти војнички фес, мустаќи набабрени, свиснати, што фосфоресцираат и сето тоа бавно се ближи кон него.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Студено гледа оттаму човек во мундир и со фес на неврастично и жолчно бледо лице.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
На фесот имаше две педи долг пискул.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Во пресрет, на црвен коњ, со накривен фес на едното око, јаваше висок Турчин.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Султана му го донесе фесот и ќуркот.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Како што рекол и така направил, се потурчил... На новиот Турчин сите му донесле дарови... кој фес, кој појас, кој ова, кој она и убаво го дарувале.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Но дури така Јован и Крсте си ја гледаа страшната смрт во тесното одајче, а кајмакамот и бимбашијата ги трлкаа задоволни рацете, оти за неколку минути или најмногу саат ќе ја свршат и оваа царска работа, по уличето откон битолско џаде се слушнаа прапорци од пајтон, а на местото од пајтонџијата не човек со црвен фес, ами европејска паларија, а до него исто таков друг, со шарен бајрак во раката.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
— Капата, бре пес! — го искара Крсте детето и ова го симна од главата својот извалкан фес и го прибра барутот и сачмите, а откако се истави од Шаќира, си ја нарами кремењарката, фати горе Жиовскиот дол, та си отиде дома, мислејќи во себе.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Преку нивните гради мируваа наредените фишеци во коланите, јатаганите висеа на колковите, а широките флоки и долгите пискули на фесовите се вееја на утринското ветерче.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Западнал така меѓу аскерот но без своја волја и распонот од Кукулино или од некое соседно село Констатнтин Цапар, вдовец со две деца, незаштитен да трча под фес и со предолга пушка кон топови алафранга и кон српски стрелци но со надеж дека ќе ги прерипа плитките ровови и ќе им се врати на Али Ризовите војници.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Зад него стоеја двајца со побелени фесови, веројатно слуги на првиот, и со волча глад чекаа да се фрлат на нас.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Зад живите со фесови и со чалми се движеле костури со по една своја коска во жолтите шепи за одбрана на најмладиот од дружината.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Дотогаш патилата им ги мелел остробрад Анадолец, половина за нив, половина за прочуениот јавач и веселник Али-бег, од обете половини по неколку фесови брашно за себе.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе