соочи св.

соочи (св.)

Најпосле, морав да се соочам со очите. Ме меркаа исто онака подбивно како јас моите клиенти, со истата надмоќ.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Не верувале во можноста да бидат проклето соочени со нов непријател, најподмолен од сите што ги познавал човечкиот род, но со искривени муцки џвакале лута белина и трепкале со засолзени очи - најпосле Онисифор Проказник е тој што треба да се слуша и тие нема зошто да се бунат.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Онисифор Проказник здробен во метежни визии го сонувал искинато и многу поинаку отколку што го доживеал дневниот настан во кој пукале еден на друг и се колеле меѓусебно луѓе што никогаш не се виделе, што не ги знаеле дребните радости и јадрите маки на своите случајни противници и кои судбината ги соочила среде крстопат на животот и смртта, ги поставила со своја умешна но и подмолна стратегија едни наспроти други, кукулинците, во игра на случајноста, со повеќе љубов за дружината отколку за осумте горјани што најпосле и не морале да се арамии или наемници на оној сур и таинствен Али-бег со повеќе прстења од злато и секакви скапоцени камења на рацете отколку што имал влакненца по рабовите на црвените, некако чудно вжештени очни капаци за кои најмалку еднаш годишно барал мелем против јачменчиња.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Врвен познавач на шеријатското и модерното европско право, татко имаше некакво атавистичко чувство на балканското тежиште во себе, но и не можеше да се ослободи од одисејскиот дух, па брановите на судбината го исфрлија крај оваа река и во овој град, во кој мораше уште еднаш да се докажува, да го вкоренува своето откорнатичко семејство, соочен прв­пат со гладот, со гладот на своето семејство.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Но досега не беше се соочил со ваков жесток отпор ниту во војната кога беше воен комесар, ниту во слободата како прв човек во градот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Макар што разговорот забрзано се доближуваше до крајот, не можевме да му одолееме на искушението да го соочиме нашиот гостин со полемичката теза за глобалниот распад на големиот бран на критичка мисла во Европа.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
„Но, човекот не можел да ги избори своите најстари и наједноставни поими поинаку туку со соочување на спротивноста со нејзината спротивност, и дури така постепено научил да ги раздвојува двете страни на антитезата и секоја да ја мисли не мерејќи ја свесно во однос на другата.”
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
И понатаму би постоел сив пазар кој би ги задоволувал потребите на младите, но тој пропуст би претставувал помал проблем од проблемот со кој нацијата денес е соочена.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Раздробена во многу кнежевства, Германија ја пронаоѓа смислата на своето единство соочена со експанзионистичката Франција.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Легна на железниот кревет на кој имаше само сламарица која му замириса на гумно, на летна жетварска ноќ, на 'ржаница, на разни тревки и билки како да дише огромна билна аптека; и дишеше лакомо, среќен и задоволен како дивеч што соочен со хајка и смрт, успеал да си се врати на своето старо и сигурно легло.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Типот на конфликти со кои мнозината беа соочени во 19-иот век водеше во создавање на масовни политички партии, масовни синдикати итн.
„Маргина бр. 21“ (1995)
Во структурата на личноста најмногу преовладуваат архаичните моменти.” (Lasch, „Култура на нарцизмот”) Темелниот став на третата етапа е оној, според кој социјалните „големи Други”, мрежата на социо-симболички одредници со која е соочен и во која е вплеткан субјектот, во субјективната економија најдобро делува кај „Мајката-од-која-зависи-задоволувањето- на-нашите-потреби“ која е - според Lacan - првиот лик на големиот Друг.
„Маргина бр. 21“ (1995)
Се обидовме да фатиме разни тенденции, да соочиме различни поетолошки системи и дури различни генерациски позиции.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Беспомошност соочена со сиромаштија и дистанцирано насилство.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Маклабас беше и пародија - но и критика - на некои аспекти на балканскиот човек, кој во тие времиња (а и ден денес) беше соочен со големи политички, социјални и културни проблеми.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Во таа смисла, еден евидентно анахрон концепт за тродимензионален простор кој е тнр. „база“ на медиумот „архитектура“ веќе не може да опстане во своите три димензии туку ги користи придобивките (кадрирање, суспенз, нарација...) на тнр. дводимензионален простор на филмот, на пример (кој, парадоксално, „со една димензија помалку“ - иако и таа се освојува со Виртуелната Реалност - се здоби со повеќе „реалистичко ткиво“, со повеќе „видливост“, да речеме, од множеството тродимензионалност што нѐ опкружува!), или, уште порадикално, архитектурата ќе мора да се соочи и со тнр. мултидимензионален концепт за простор на Хокинг (кора од портокал, како пример!), кој станува парадигма за „просторна ориентација“ на крајот на веков. Margina #26-28 [1995] | okno.mk 11
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Тоа бил еден од последните настапи на Арто и бил наменет за соочување со сопствениот фантазам на едно дисартикулирано, обдуцирано тело, тело како точка на преместување, подвојување и непрекината флуидност, коешто е чиста присутност и тело без органи.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Мнозината конвенции се запоставени, па затоа луѓето поседуваат само фрагменти од вештините за произведување и толкување на голем број облици што можат да се користат за писмено јазично изразување - нешто за што тие стануваат свесни и што мораат да го „платат“ во моментот кога ќе се соочат со задача како што е правење на Маргина 36 185 плакат или некој друг визуелен материјал за општа употреба и кога ќе сфатат дека не се во состојба да го обезбедат ефектот што сакаат да го произведат.
„Маргина бр. 36“ (1997)
Доволното количество вода што го испив на после­дна­та чешма ми ја раздвижи крвта низ дамарите, доволно да ме соочат не само со драматичната ситуција во која се најдов, туку и да ме наведат на мисли кои сигурно произлегуваа од силната доза на страдање.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Авторот на книгата, при престојот во родната земја, ќе го соочат со пеколното демолирање на верските објекти, ликвидирањето на свештениците и на крајот со показот на Атеистичкиот музеј, последен од таков вид во светот (изграден во 1973 година по угледот на советските атеистички музеи од времето на Ленин и Сталин).
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК