скита (несв.)

Но каде да одев, да скитав, јас не сретнав појунак човек, жено, од сина ти сакан.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
ПАНКО: Мајката божја ги проколна Циганите да се скитаат по светот и да просат...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Мече беше без родители и се скиташе по улиците сѐ додека еден ден не го прибраа во детски дом.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
- Син ми го барам. Скита по сокаците, мајчиниот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ете, кукавицата земи ја. Таа е бездомник, скита низ гора и им ги брои часовите на старите луѓе.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
И години со ред се надеваше дека еден ден ќе му тргне, но...овде ги стегна Аргир силно капаците на очите и уште подлабоко проникна во својот изминат живот. Каде не скитал, што сѐ не ѕидал?!
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
„Ќе ви раскажам каде бев и што видов: - Скитав натаму, скитав наваму, кревав прав и насекаде правев лошо.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Го сеќаваше дека е тука повеќе од здивот, знаеше дека беше дојдено по тие рубинени сртови најмногу со својата кожа, врз која она беше некаков игрив допир, а за сето време продолжуваше да скита со погледот по сиот рубинен свет крај себе, не испуштајќи ниеден миг.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се сонуваше како еден од тие волци, скиташе по снежната шума и се задржуваше на секоја повисока тумба, ја исправаше главата кон ѕвездите и завиваше.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кога го виде, се расплака и низ солзи го прекори: - Каде скиташ, бре синко? Душа не остана во мене.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Шумата беше далеку, а тука, на сивите стреи со сиви оџаци, скитаа мачори и ја чекаа ноќта за да ги ловат ѕвездите и да ја плашат месечината. Сепак шума не нацртав.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Наместо под девет земји девет години пред тебе да ме закопаш Ти ме остави да скитам по патиштата Со сите да те барам и нигде да не те најдам - Така ме раздаде. Така ме уништи.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Дедо, комита, знаеш. Скитал, бегал, тепал, ама и комитата најпосле ќе се фати в мрежа.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Таа златна пара му ги подгреа мечтите на Бојан, па често се скиташе по тоа место, што го нарекоа Селиште, и смислуваше разни цареви, царици, дворјани, замислуваше разни војски и битки водени по овие места.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ѕидниот часовник – предел во кој се гледа пастувот од песните со рогови кога го корне крстот во полето; лилјак кога прелетува некаде од кај амбарите; старец што му шепти во сонот на полноќното сонце; ноќта во која полка исчезнуваат буквите чиј глас од ѕид до ѕид, бие во крвта, скита низ иднината и застанува само ден-два по твоето заминување.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Рута што скита низ морињата за да го пронајде твојот потонат сон.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Кога се вративме молчејќи, скитајќи од една до друга пустош во душата, чувме прекрасна вест: спикерката на телевизија соопшти дека во Македонија узреале првите цреши.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Солун може најдобро да се почувствува кога се скита бесцелно низ него, од улица во улица, од сокак во сокак, од излог до излог, од еден во друг крај.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Овде и скитам и учам. Но, повеќе учам. Ми е жал за Македонија.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Повеќе