само (сврз.)

На кавгата згора се примешаа големците, ѓоа да смират некоја работа, да повеќе ја запалија работата (што ти велаат: „ѓаволот ни ора ни копа, само луѓе скарува“) и туку беше се поткачиле сите да се бијат и да се тераат по таа пуста планина.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Но како ви се чини, дали таа борба ќе биде победоносна за нив? – Не. – Таа само ним ќе им го ископа гробот.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
90. Мисирков зборува за „возродување”, „пробудување“, „собудување“ и сл. како процес во Македонија што поинтензивно се развивал од крајот на 80-тите години на минатиот век, но кој не само што траел, туку почнал и уште посилно да се распалува во 1903 год. особено по Востанието.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Притоа треба да не се заборава оти вестготските, остготските, хунските полчишта се состоеја не само од Остготи, Вестготи, Хуни, Словени, но дека во нив господствуваше едната народност, а имаше примеси и од другите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Но светлокосиот само молчеше и ништо не кажуваше.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Нито писмо праќа, нито сам се враќа, само ми го прати својто бело коњче. На коњчето седло, под седлото писмо, во писмото пише: „Омажи се, Маре, омажи се, Маре, и јас се оженив, и јас се оженив за црната земја, за црната земја, за Македонија, за Македонија, земја поробена.“
„Од борбата“ од Блаже Конески (1950)
Говореше тешко, само со едниот крај на устата гледајќи одеднаш на две страни со шашливите очи.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Од мракот се појави бледата глава на вдовичниот син, ги искокори очите и само што не се расплака.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
На исто таков начин се нацртани и нозете, само што тие раснат рамно со главата.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Само таа да му е здрава и убава, да му ја држи куќата отворена, а тој за сѐ ќе најде чаре.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
- Тоа никако, - им рече. – И не само тоа, туку ништо нема да правите.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
- Само, - го предупреди дедо Геро, - никому ни збор за оваа работа.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
- Само, - му рече Најдо, - гледај за прошката да не платиш повеќе одошто треба.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
А никој не се интересира како му е на еден млад човек кој мора да го капе кучето на својата станодавка, да го чешла со часови, да го носи на лекарски преглед, само за да не биде исфрлен на улица.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Марија, ќе убијам, говорев ноќе по твоето бегство, се колнев пред онаа киклопска глава повикувајќи ја како сведок дека ќе си достојам на зборот, дека еднаш ќе замавнам со нож на некого и дека со бел отров во очите, како оној во детството, само со очните белки, ќе испитувам дали крвта личи на сок од малини или е грев на мракот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Си отидовте задоволни од моето кутнато жолтеење. Верувајќи дека со тоа сте ги покосиле и сите брчки што ми ги довериле луѓето но вие заборавивте дека го оставате мојот корен и дека мојата смисла, всушност, само што не започнала.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
- Суз, бре, ќепазе, не сакам од тебе акал, - го пресече како со нож башмајсторот и му се скара дека ќе го испрати веднаш в село, ако проговори само уште еден збор.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Вардеше само да може да го погоди оној миг, кога тоа прегладнето копиле ќе се обиде да му се приближи; важно беше да не му допушти да му се приближи така, за да може да го дрпне одзади со онаа своја шилеста муцка, друго ништо не можеше да биде важно таму назад.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Да не пркне. Нему секогаш му беше мерено, без разлика на меридијаните, само толку, колку да се прерани и да им донесе на децата дома, кои ги имаше доста, а потоа едвај да дочека до новата градба, сеедно во кој град, сеедно во која земја.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И уште, криејќи ја од нив својата освестеност, само заради тоа што немаше сили да им одговори, можеше да го слуша како пробучува под него оној нивен тих, испрекинат од саповите, што ги носеше зачекореноста и умората, говор: - Го оставивме сам, толку време, - рече недовршувајќи од заздишаноста оној напред од неговата десна страна.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе