рингишпил м.

рингишпил (м.)

Да мислиш на летата, рингишпили, птичји гнезда.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Не се сеќавам колку „кругови свртевме“. Пред очи ми се кошмареше, небаре сум качен на рингишпил.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Многу поелегантна. Попонеслива од онаа на нивните рингишпили.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Квечерината од истиот тој ден со рингишпилот, најпрво ме побара Аделина по телефон, а потоа, малку подоцна, и Огне.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Јас бев неодамна вратена од Лондон, и таму со Ивана цел еден ден, од утро до вечер, поминавме во еден забавен парк полн со најлудите и најстрашните тобогани, возови, лулашки и разни други чуда, што ни во Евродизниленд во Париз ги немаше, па рингишпилот не ми беше никаков предизвик.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Имам подобра идеја. Ај, ќе одиме на рингишпил!
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Боге попушти да притиска на педалот за гас кога стрелката на патот му се изгуби пред очи, но колата ги фаќаше свиоците како нишалка на рингишпил - тамам мислиш ќе излета таа ќе се врати и ќе се исправи, и во наредниот момент е подготвена да ја повтори истата игра на другата страна.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
За сите чија што главна забава е провинцискиот панаѓур и возење на рингишпил како најубава од сите можни убави забави.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
И двајцата добро знаеме на која жена мислиме само јас отскокнувам кај неа љубопитен и на вишини навикнат не можев да си замислам толку еднолично и неразонодено суштество рамна снага рамен говор несовршенството ме предизвика потсвесно, како што обично се вели правев трикови за забава на народот покажував нови мустри шарпи шешири шпилови стапчиња топчиња кутивчиња бели гулаби за бела магија создавав драмски штимунг го извлекував резервниот маж последниот џокер од мојот долг од што е дупнат џеб, немав време за колебање носев кружна насмевка - рингишпил на лицето каде јас, таму таа!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ние сме сечила остри што искрат во векот наш студен, Пијан ренгишпил на кој, наверојатно, одамна нѐ нема.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Понекогаш, толку многу се раскрцува, што се чини секој момент ќе се распадне. И тоа токму кога е на врвот од рингишпилот.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Томо кој ја разбираше скриената желба на Рада, нејзината среќа ја сподели со тоа што ја крена до висината на своите усни вртејќи ја како рингишпил околу себе.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)