расчистување ср.

расчистување (ср.)

Тие сега живееја во темнината на неговиот пораз, зад нив дури како да се наѕиркаше и некаква белина, некакво расчистување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Од високиот снег, натрупан при расчистувањето на пртта, тој и не можеше ништо да види.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Разбравме дека напролет во населбата Доброшане ќе спроведат акција за расчистување на коритото на Кумановската Река, откако таа самата ќе си го исфрли ѓубрето со надојдени пролетни води.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Притоа несфатливо грд ми се чинеше и навидум соблазнителниот предлог на Грофот, дека разбраниот и истинољубив автор, ќе си обезбеди ослободување од евентуалните обвиненија ако пројави спремност да соработува во расчистувањето на проблемите што се обидува иследникот да ги разреши.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Еден багер за расчистување снег дреме на сонцето како стар мачор.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Па сепак, раздвиженоста кај влезот а потоа и по ходниците, расфрланите хартии по скалите, растрчаноста на службениците, операцијата на расчистување што беше повеќе од очигледна, укажуваа дека некоја бура од цимолења и плач поминала помеѓу ѕидиштата и на ова здание и дека тоа се случило токму пред моето пристигање.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
7 По ова, таа предлага порамнување со дотогашниот работодавач, односно „расчистување на сметките“ и вонсудска доброволна исплата на долгуваното по сите основи.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
По расчистувањето на ваквите „процедурални“ аспекти, следуваше обавувањето на самиот разговор и снимањето на интервјуто во звучна форма.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Рада по две недели се прибра дома. Расположена и ведра пред сѐ заради успешното расчистување на испитите во првата година.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Бев наивен кога работев и ја одбранив докторската дисертација кога поверував дека дијалектичко- материјалистичкиот, односно марксистичкиот приод што го имав на париската Сорбона, во демократската и толерантна Франција, ќе претставува вистинска замка во мојата земја во времето на расчистувањето на сталинизмот кога страдаше сѐ живо и диво.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)