пуши несв.

пуши (несв.)

ПРВА ПОЈАВА АРСО АРСО: (Седи под оревот, пуши, гледа десно загрижен и огорчен.) Не можам да го гледам како заѕиркува во секоја прачка...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Митре и Коте го фатиле челното место на огништето и поднавалени на перници пушат; жените нешто си прикажуваат меѓу себе.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Кога се крева завесата Митре е испружен на миндерот потпрен на една перница и задуман пуши, додека Мара ги прибира последните остатоци од голема софра на која вечерале жетварки. Време околу дваесет и три часот.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
МИТРЕ: Не знам богами, ама страшна пара донесол! (Зема цигара од табакерата која Анѓеле ја има оставено на миндерот пали и пуши, рашетувајќи се по собата како не токму во умот).
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Стариот не ме забележува; тој непрекинато пуши и го трие коленото со голема дланка замислено нишајќи го горниот дел од телото.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Седнавме под кралскиот бронзен јавач, запаливме една цигара и пушејќи сите од неа го гледавме слабо осветлениот плоштад по кој врвеа минувачи и трепетливи сенки и ту луѓето во сенките се заплеткуваа, ту тие во луѓето.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Иако не пушат, муштериите земаат по една „господска" цигара и зачуруваат, а Трајко Сукала веќе и бурмут тргна во носот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ете, ако е за душа, земете а и неа, — и строго погледнува кон групата чорбаџии што седи „уз колено" на авалеџијата и пуши од неговиот тутун.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Двајцата побратими задоволно се смешкаа, пушеа и пиеја кафе.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Почнал да пуши и тој а ма пари да си купи тутун – нема, а до посака од татка си – тоа било срамота.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Синот од срам сакал да се направи дека не пуши, но стариот вака го поклопил: - Запали кога веќе си почнал да ја смрдиш таа смрдеа.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
А дедо Спасе ќе остане уште долго надвор, па ќе си го пуши лулето и ќе си мисли на свои работи.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
ЛУКОВ: (Ја пали цигарата.) А јас пушам премногу. (Седнува во фотелјата.)
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Пушеше, чекорејќи, со цевката од пушката во едната рака. Цевката беше топла.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Пиеше црно турско кафе и пушеше жолт како смил најубав тутун...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Тој пуши тутун од долгиот килибарски чибук и чека да започне свеченоста.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Кога го виде правот, едниот од тројцата селани, кои седеа под врбата и пушеа тутун, извика: - Јунаци, бидете готови!
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Селаните ги полнеа лулињата со тутун и нервозно пушеа.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
43. НА ОРТОМА ТАА ПРОСО СУШИ - а на телевизорот кога цигара се пуши својот маж со своето сврдле го буши: отвори го прозорецот, овој дим ме гуши...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Да не имате нешто дрога, марихуана, таква работа? (Пауза. Тишина.) Немате во моментов или не пушите? (Пауза) Пушам јас у-ка. Само слабо ме фаќа. Добро поднесувам.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Повеќе