пропаст ж.

пропаст (ж.)

5 песна За таа наша пропаст жал на Махмуда му стана, се спушти како орел тој.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Зар некаков демон кон пропаста стрмна нѐ турна. Браќата мои под ридон ко рибите насуво тогаш во борбата бурна, да се прпелкаат видов.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Ослободувањето направи една голема пропаст помеѓу поранешната бугарска историја и живот, и новата.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
121. Националниот сепаратизам се должи на српски воспитаници идеалисти што работат под српска маска, а во душата своја се признаваат за Македонци; српските воспитаници, со своето образование во Србија, се образуваа во национален дух, наместо во национален индиферентизам во Бугарија, иако некои од нив целосно не престанаа да се викаат Бугари, но меѓу нив и Македонците со чисто бугарско образование и самите Бугари се отвори една голема пропаст: тие со своето образование застанаа на средината меѓу Бугарите и Србите, т.е. викајќи се по традиција Бугари, тие престанаа да се такви во својата душа: тие станаа Македонци.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ако еден народ само постепено си го изработува своето писмо и него го преработува и притоа во неговата историја нема такви настани што ја преполовуваат и прават цела пропаст помеѓу едната, т.е. старата, и другата или новата половина, -писмениот јазик и правописот содржат во себе многу такви особини што немаат реална вредност во гласовите во сегашната состојба на јазикот.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Третиот едвај да го задржи количето пред самата штица, како коњ кога се запира пред изненадно искрсната пропаст.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Сето најмило што го имаше беше на работ на пропаста.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
- Пропаст. О, зини земјо, голтни ме, ако треба со оваа да легнам...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Зар беше важно тоа, каков и чиј е тој бог, кому носи корист, кому пропаст, дали тој има чалма или златен ореол околу главата, дали е облечен во турска салтамарка или е завиткан во црвено платно.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
- Не ти давам, му велам, таа ракија до оваа пропаст те доведе и не ти давам, Сакаш лути ми се, сакаш не, му велам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тоа беше како помор, пропаст, ден суден.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ми го менува одењето: ме влечка по некои стрмни висови, кон некои пропасти. Јас ја држам, ја стискам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Кога Турците сопственици на чифлизи почнаа да си заминуваат од сета Пелагонија и од Потковицата и да се населуваат во градовите, тоа стана по бојот помеѓу орлите и штрковите кој во 1901-та започна на Алилово и се пренесе во Беговски Ловаѓе, односно тоа произлезе од страв од она опачно претсказание што го срочија христијаните по победата на штрковите над орлите, дека му е блиска пропаста на царството, жителите на Потковицата од своите бегови купуваа земја во близина на чифлизите или во дворните места на чифлизите и на новооткупената земја подигаа живеалишни куќи и се делеа на клонови.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Последните гласови од она што некогаш беше нивна татковина допреа само да ја донесат веста за пропаста на Големото царство, уништено без милост, со истите оган и бес со кои и самото сотираше.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Како сум се одржала над својата пропаст.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
(Потоа дружината, домаќинот и возбудените луѓе се договориле, едни со оган да ги потераат коњите на Турците в пропаст за да не се вратат во кулите, бездруго кратовски, нивните јавачи да ги закопаат длабоко, ни дивина ни пци да не можат да ги откопаат, а оружјето да се сокрие така што за него ќе можат да знаат само двајца - челникот Онисифор Проказник и молчаливиот Чучук-Андреј.)
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
По сѐ изгледало, војникот со шлем и со машингевер на градите, извидник, курир за воени врски или паничен дезертер пред пропаста на Хитлеровиот Рајх, бил убиен од некој шеесетгодишен свештеник Доситеј Давидовски со куршум на тулски нагант од заводот на императорот Петар Велики зашто црниот мотоцикл го присвоила месната црква.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Но пропаста, лавината, дојде со убавиот, големиот сребрен снег.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Кога и да се обиде да ја прикаже стварноста или она што би можеле да го наречеме натурализам, филмот е осуден на пропаст.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
На моите идни поколенија им ја препишав мојата интуиција како пропаст (подобро да не го отвораат тестаментот).
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК