проголта св.

проголта (св.)

Беше само еден миг, во кој беше сѐ загубено, наеднаш чиниш беше замрзнато, а Језекил можеше добро да го види она, што го имаше момчето во своите очи; беше еден толку кус миг, само колку тоа скочането момче да може да погледне во Језекила, но старецот можеше многу добро и во истиот миг да го препознае во тој поглед она, што го измачуваше самиот него целото тоа лето, и само додека зина да му свика на тоа момче, речиси со бела коса од сонцето, да ја пушти копанката, момчето се отпушти од талпата и потона надолу; провалијата меѓу ѕидот и скелињата просто го проголтна неговото тело и го понесе низ оној тесен процеп меѓу скелињата и ѕидовите, што се стрмоглавуваше сѐ до подножието на зданието, а по него и неговата полна копанка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Можеби уште тогаш требаше да замижам со очиве, да поголтнам, како што е ред, и да ви пријдам под стреата каде што ме чекавте...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Гладна ли е жена кога се наоѓа покрај таков 'рслан што ја голта со очите, а таа сака што побргу да ја проголта и да не се освести веќе сама без него?
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Големата шума, од првото разлистување хранителка на срните и волците, го проголтала коњот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Се обидел да ја проголта горчливоста во устата и ги стиснал очите со дланка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Моето вжештено убедување воопшто не му пречи на насмеаниот доктор Мев со сласт да го проголта последниот залак од еклерот: Смири се, другар - ме запира, стасува да нарача „кафе, погорчливо“, па спуштајќи се во столицата, почнува: - Јас сум оп-тимист!
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Тие му порачуваат на Американецот кои снегулки ќе ги бутне во уста, кои кекси ќе ги соџвака, која конзерва ќе ја проголта, кој пијалок ќе го испие, кои бомбони ќе ги грицка...
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Со други зборови, својата авто­номија во однос на татковските инстанци кои настојуваа да го ограничат неговото мисловно поле тој макотрпно не ја освојуваше само затоа безмилосно да биде проголтан од онаа прождрлива мајка, неговата култура: „Пред француската, германската, италијанската култура постои човечката култура“.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
За интересирањето на уметниците за материите кои предизвикуваат психоделични промени на свеста можеби најголема заслуга има Олдос Хаксли, кој вели: “...едно сончево мајско утро проголтав четири десетини од грам мескалин растворен во вода и седнав да ги чекам резултатите”, потајно надевајќи се дека ќе успее да ги посети световите кои на Блејк, Сведенборг (Swedenborg) или на Јохан Себастијан Бах им беа дом.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Таа го проголта залакот речиси незабележано, во еден трзај вратот ѝ се спушти и подигна како кај газела. „Умрев од страв“, рече таа.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Па, имајте мера, не може сѐ да проголтате!
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
- За нас жителите од езерово најголема чест е да не проголта кралот Вок и да не претвори во опашка од златна риба со која си ја чешла косата.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Треба да те проголта првин и три дни да те прежива со златниот заб што го има под јазикот.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Проголтна и пак праша: - Така е, верни мои, ама момичката решила да ми го докрајчи срцево.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Кога го проголта, меѓутоа, почувствува прилично разочарување.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Во главата немаше ниту една мисла што не беше слоган, и не постоеше ниту една имбецилност, апсолутно ниедна, што таа не беше во состојба да ја проголта ако и ја понудеше Партијата.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Сајм исто така - на извесен покомпликуван начин, вклучувајќи го и двомислењето - го проголта.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Од оние на кои не им го знаеш името, ама знаеш дека, ако ја отворат устата, можат веднаш да те проголтаат.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
До трипати смее да се отвори одајата, велеше преданието, и ако од трипати не се растолмачи записот, сонцето ќе се помрачи, земјата ќе пропадне, ќе се отвори и ќе проголта сѐ што лази, ползи, плива и лета по лицето нејзино.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Наместо огнот да го голтне дрвото, дрвото го проголта огнот и остана на сред клада, како со вода, а не со оган да сме го дарувале.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе