притеснет прид.

притеснет (прид.)

Крајно притеснет, покажува дискретно со главата на масата под огледалата. - Кого?... Се лути примашот. - Ајде, не измотавај се...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Така бујниот Толе, притеснет од положбата во која се најдуваше, ги советуваше селаните да се спасуваат со гоштавање и придавачки, а сам во себе вркеше од гнев, сега не само на Турците, што си ги бранеа своите петвековни државни права, ами повеќе на Борисовци, Тренковци кои „дојдоа од џенемиите“ — од Бугарија — да ја запалат земјата и да го остават народот на милост и немилост на разјарениот душман“.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Паркчето, притеснето меѓу железничката пруга и сообраќајницата, претставува идеално место да се гледаат забрзаните автомобили: можеш да ги броиш, да запишуваш регистарски броеви.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Притеснети во вечно променливите и неизвесни балкански граници, книгите ни го ширеа просторот, нѐ пренесуваа во далечините.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Во градот сите политички раководители, сите до кои беше стигната „тајната директива за трансформација на козарите (со милиони во сета земја) во работничка класа“, притеснети од гладот, но и од среќните решенија на козарите, се плашеа севезден да не стигне извршната директива, па да се бара конечна ликвидација на сите кози во земјата.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Имаше отец Пелазгиј една маана: кога ќе беше притеснет во расправите со параболи, почнуваше да пелтечи и солзи му идеа на очи.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Но убаво ја чувствувавме тивката и дискретна набожност на нашите родители, во тешките и неизвесни периоди од нашите животи, притеснети од сиромаштијата и од неизвесните настани на нашиот дел од Балканот.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Луѓето на Балканот, притеснети од границите до голема болка, бараа семожни начини да ги избегнат трагајќи по споредни патишта од кои некои водеа до планински сртови.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
И сега, во оваа тивка ноќ крај реката, која повеќе не беше предизвик да се патува, Татко, посиромашен и за последните илузии, како да беше притеснет од Мајкиниот незаборав, на нивната љубов, на нивното единствено го­диш­но време на љубовта која не престануваше да цути во душата на Мајка.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Вест која радува: младост на обликот (Модилјани) ластерки на личотијата од нов вид - а прстите на цветаева невидливи врз тилот на долгата жешка зима – мимика на притивнат протест сѐ-на-сѐ антиграматика на очајот - спознај се самиот себеси и уште (асоцијации за вратот) теснец кој пулсира – притеснета надеж клисура во која одекнува контрабас а мажите аргонаути, крзнољупци верници од инакви светови не се откажуваат од потрагата: влезот во жената е бескрајно долг да биде волјата ваша слободна!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Да беше дошла зиме, кога и убоста е некако притеснета и скрита во себе, можеби немаше така да го порази Соколета уште од првиот поглед, ќе свикнеше тој постепено со нејзината појава како со нешто обично.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Некој е вишок тензијата е последица од премногу сакање ниски страсти, совпаѓања а предметот на желбата еден и неделив мистичниот копнеж по неделивоста нѐ поврзува да учествуваме во с-подвижната драма на свеста (coitus interruptus) во одложувањето на кулминацијата секој од нас цел го сака цела ја сака колку повеќе ја одлагаме драмата толку повеќе е тука приклештена габаритно еуфорично распиштолена по меките, лимфни, срамни и кршливи пасажи на твојата, мојата или на неговата психа, навидум силна налик на лунатик хистеричен порив да се биде роден да се осети на свој грб животот сѐ недостатен, сѐ пожелуван сѐ отповеќе, сѐ отпосле сѐ притеснет испустен или пренаселен сѐ загрозен, заплашен, изнемоштен од перипетии, пресврти и стресови од иселеништва, делби и егзили сѐ лишен од разврски создава лажна, мелодраматична слика - нема друг и никој не е сам - - целоста е устрем обичен, а врховен!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Но каква смисла можеше да има оваа споредба можеше да се види подоцна кога ги открив во Сиди Дауд туноловците со древната матанѕа кои со инстинктивен нагон за владеење со големи метални прачки до бесвест ги убиваа заробените џиновски туни, чија мазна синосребреникава кожа стануваше црвена од крвта која ја менуваше бојата на морето во делот притеснет за масакрот?
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Убивањето на туните, притеснети во малиот простор, го следат громогласните извици на матанѕистите, на чело со нивниот капетан Монги.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)