преобрати св.

преобрати (св.)

Ете населба, то ест место, каде што христијанската верска догма не успеала сосема да ги надвладее паганството и митологијата, туку приопштувајќи се кон нив и испреплетувајќи се со нив, со нивните обичаи и празнувања се натоврила како со бесцени камења, и историјата, припокривајќи сосе малтер на легенди и преданија, печалела за други, за завојувачите, додека за тукашните ги резервирала страдањата, прогонствата и истребувањето, а заедно со нив правото на бој и правото од сето тоа да разгрнат епски духовни мегдани, кои, во текот на времето, неуките но интелегентни души на жителите на Потковицата ќе ги преобратат во фактичка своја историја и врз неа ќе прикрепат една колку рурална толку здрава и чиста егзистенција, која, пак, несполуките и поразите, кои се јавуваат како негација на сѐ живо и движно, ќе ги извиши на рамништето на својата вера во опстанокот и тука ќе ги озакони како судбински збиднувања во човековото битисување во овие краишта.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кај ќе помине Апостол Макаровски и народот ќе го крене, ќе го преобрати по него.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Играта завршува со масакрот на козите и преобраќање на козарите, во иреални работници на индустријата која не постои...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Во романот Времето на козите, козарите се донесени во градот, за да се преобратат во хомогена работничка класа; верувањето во животот и земјата се алтернира со восхитот на Танатофиловите карактери на Сталин.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Беше тешко, речиси невозможно, новиот режим овие луѓе, прекуноќ, да ги преобрати во замислената работничка класа...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Исто како и другите теории неговата е исполнета со желбата да го пречисти светот на останатите, безвредни теории и да ги преобрати сите неверници во вистинската вера.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Стратезите на албанскиот комунизам, посебно на скадарската трагично-гротескна варијанта, упорно веруваа во успехот дека е можно последното преобраќање на напатената троверна душа.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Уште тогаш неговата мала и кревка родна земја, излезена со неизвесна судбина од отоманскиот тунел, пет века трагајќи по излез од него, со сите рани, лузни на преобраќањата, верски и идеолошки, по сите преселби и битки, му се виде и како плен на сталинистичката идеологија.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Татко најмногу стравуваше сталинизмот да не се всели и најдолго да не остане во душата на неговиот албански народ, па троверен каков што беше, католички, православен и муслимански, можеше да страда и од тројна болка, ако му се наметнеше новото јаничарско-сталинистичко преобраќање. Бог да чува од полошо!
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Тоа беше совршено преобраќање, школски пример.“
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Еден миг може праведниот човек да го преобрати во грешник.“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Во свеста, не престанав да пластам семожни аргументи за прелевањата на религиите, од една во друга, започнав да верувам во преобраќањата како мостови на вистините, а не како граници помеѓу нив...
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Во спомнатиот Културен преглед што ти го имаш подготвено присутни се дури и такви размислувања како она дека прозаичното и бирократско секидневие може да повлијае дури и некогашните борци за слобода да се преобратат во обични убијци.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Сите наши ученички: и малите рисјанки, од католичка и од православна вера, и муслиманките, младите д’нмевки(сефартките преобратени во муслиманска вера) и израелитките!“
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Знаменитиот есеист од ренесансната епоха Мишел Екем Монтењ, еврејскиот маран, преобратен христијанин, во една од најчитаната книга на сите времиња, во неговите Есеи, на пријателството му посвети одделен есеј кој не престанува да се толкува речиси пет векови.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Одземањето на децата и преобраќањето во ислам, воспитани во Турција и одредени да станат верни војници на султаните, стануваат правило.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Со сигурност се знаело дека бил преобратен христијанин во ислам.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Шпанската историја ја проучуваше пред да замине со доброволните антифашистички бригади, но и ги почувствува нејзините најтрагични моменти и затоа тој се надоврза на Татковото кажување: Волјата за религиозна христијанска унификација ќе се почувствува по крајот на муслиманска Шпанија, кога во 1492 година, католичките кралеви, стигнувајќи во Гранада, ќе ги прогонуваат Евреите, со исклучок на тие што ќе го прифатат преобраќањето во христијанството. Тоа е историјата на мараните.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК