потајно прил.

потајно (прил.)

Потајно верував дека на иконата во ќошот на нашата спална не е светецот Никола туку чичко ми премаскиран во светец и со залепена брада.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
На сето ова Митра се лутеше, ако не отворено, оно потајно се ладеше спрема него, а тој почна тоа инстинктивно да го чувствува.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Но минат бргу миговите на утрината и еве: веќе и пладне наближува, една мисла бавно над ведрината потајно се спушта и загрижува.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Липаа потајно сите, плакаа и околу полноќ испозаспаа врз подот како прасиња еднододруго.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Една вечер, дури луѓето од тајфата си легнуваа да спијат, Веле потајно се искраде од колибите и отиде, сам во ноќта, на градилиштето.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Жрепката е фрлена, жрепката е фрлена! И се случи тоа за што сите потајно копнееја.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Беше најстрашно што во продолжение на целата година пред оној ден, јас, некаде потајно од себе, се ребрев постојано од нешто такво, дека не сакав да се обѕрнам наоколу, само за да не откријам нешто такво, да не ме убие нешто такво, зашто нема ништо покревко од она, кога човек ќе потера кон една страна со сите свои дамари, полетал натаму, нема ништо покревко од него тогаш, кога ќе погледне во своите нозе и кога ќе види дека коренот му е - разјаден.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Потајно улам на тебе, на твојата скришна насмевка, на твоите усни во кои заоѓа сонцето, улам на строгоста на твојот збор, на твојот рапав глас, улам на твојот поглед насочен како стрела кон сонцето.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Живеејќи на чифлигот на татка си потајно демнеше згода за која ќе може да ги наклевети Акиноските пред султаните во Константинопол и да им го одземе Имотот а нив да ги направи свои раетини.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тогаш скомина ги фаќаше и потајно ги силеа Јанческите да го тужат Тахир бег и да бараат да им биде вратен коњот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Сепак потајно ме сопнуваа. Дури и на дребулии.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ретки злобници потајно тврдеа дека тој бил уфрлен шпион во Козар маало, постојано соработувал со властите, а сега сите ги оставил на цедило!
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
За интересирањето на уметниците за материите кои предизвикуваат психоделични промени на свеста можеби најголема заслуга има Олдос Хаксли, кој вели: “...едно сончево мајско утро проголтав четири десетини од грам мескалин растворен во вода и седнав да ги чекам резултатите”, потајно надевајќи се дека ќе успее да ги посети световите кои на Блејк, Сведенборг (Swedenborg) или на Јохан Себастијан Бах им беа дом.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Тогаш тој погледна во нејзините усни на Црнкиња и во својот ум ја вообличи песната што Таа потајно се обидуваше да ја склопи во конечен звучен мозаик.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Многу повеќе тоа беше поради една потајно негувана верба - или можеби не дури и верба, туку само надеж дека О'Брајановата политичка исправност не е совршена.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Таму останала една година, помагајќи во производството на книжулиња во запечатени кутии, со наслови како „ Скокотливи приказни“ или „ Една ноќ во женско училиште“, за да бидат купувани потајно од проловската младина, која имаше впечаток дека купува нешто недозволено.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
По радосното лице на сестра ѝ, Марија сфати дека сите потајно страхувале - зошто не доаѓаше писмо од Хелвиг. Тоа не го покажувале пред неа.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Постоеја исто така и со шепот пренесувани приказни за некоја ужасна книга, некаква збирка на сите ереси, чиј автор беше Голдштајн, што потајно циркулираше наоколу.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Дали во моменти потајно не сакав да се случи нешто што ќе оневозможи да се реализира докрај мојата одлука за останување во Маказар?
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Сакаше да ѝ го пренесе резимето на последните вести на британската радио станица Би-Би-Си кои потајно ги следеше, дека против Југославија се подготвува напад.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Повеќе