потаен прид.

потаен (прид.)

Штом примолкна плачот, Албанецот, пак меѓу своите, продолжи повтор за него — „Не тажи го, жено, ти сина си Кузман, бидејќи господ во рајот го пратил; неизмерни сласти му нуди; и само плачејќи душата ти му ја матиш, бидејќи тој падна со своите, бранејќи ја со нив херојски земјата мачна, а не како злосторник кого Темида го гони, фрла во јамата мрачна, и не како здушен од наказ, ил' прогниет, гладен, не како удавен в браној, и не како жена што потајна болест ја јаде, — туку од јуначки рани . . .
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Тој привлечен лик ми ги ослободуваше жилите од потаен страв дека од некој континент ќе напливне нова солдатеска за да го уништи светот - листот на дрвјата, бубачките на тој лист, птиците и луѓето.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Но се ловеше дека со потајна подмолност мисли на Јана и скоро се судри со својот брат.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Тој му ги покажа од мракот своите сетерски уморни очи и воздивна: „Не ви се потсмевам, а адвентистот, таа потајна омраза свртена кон број 9, се замеша: „Не сфаќам зошто би ни се потсмевал овој човек.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Еден ден морало да се каже, да излезе. Било: бог да те чува од потаен жар.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Врз зеленчукот и врз дрвјата падна проклетство да умираат од потајна чума.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Бреговите тоа го гледаа, се поткреваа и шептеа нешто со тополите врз нив, па тој не забележа пред него како се покажа и друго место, по него пак друго, сѐ некогашно и сѐ познато и драго, и преплашен скокна од потајниот допир кога го полази тенка водена жила што се провре меѓу прстите на нозете а потоа му ги покри стопалата и низ тенко жуборење водата почна да се качува по него нагоре, да се тимари, да го гали; забележа свиткани како лежат исушените стракчиња билки на дното и како го тркалаат грагорот пред себе еден величенствен облик.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Некои урнатини, обраснато камење, оброчиште и еден темен напев што се издига во залезот: три жолти цветови, наведнати над каменот, секое нивно потреперување – некој потаен збор, се нишаат и се молат во летниот припек.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Во тие моменти неговата потајна одбивност спрема Големиот Брат се претвораше во обожување и Големиот Брат изгледаше како да се извишува, непобедлив, бестрашен заштитник, исправен како карпа спроти ордите од Азија, а Голдштајн наспроти неговата изолираност, беспомошност и наспроти сомнежот што висеше и во врска со самото негово постоење, наликуваше на опасен вештер, способен со самата сила на својот глас да ја разори структурата на цивилизацијата.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Длабока иако потајна воздишка на олеснување проструи низ Одделот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Кланицата, потајниот говор на реката и сталното фучење на ветерот низ клисурата, го правеа местото студено и тајно. Уплавно.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Водите удираа првин во стените на едниот рид, потоа во другиот, од што постојано се слушаше некакво чудно шумолење, некаков потаен говор.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Како ги раскажувам соништата и кому Клошарите со посвета Предметите по употребата и мислите, Соблекување или почеток на разговорот и другите ненапишани песни одрани налик на волот на Рембрант крвта остава силен впечаток, нели има боја, вкус и позадина нели има свој пулс, своја група, свое месо станува естетски предмет или вода потаен жар се од нив ми гори под нозете.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Никој не можеше да сети ни дали гледа, ни што мисли, зашто беше потајна душа.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Во лесниот повев на ветерот треперат пламенчињата и шират светлина над мракот во кој трае тишината што само намерници ја разбрануваат со длабоките потајни воздишки и тивките молитви на незаборавот...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Мајката ги доближува децата до себе и е крајно посесивна кон приватниот живот на нејзините ќерки, особено кон поголемата, веројатно затоа што кај неа постоела потајна желба, првото дете да биде машко, замена за таткото во домот, кое ќе го надополни неговото постојано отсуство.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
8.1 Вечното стебло страда од потајна ровја Му се умилкува на огнот што потонува в земја И ги впишува нашите имиња на небото Со хлорофил што капе на дланките на Мајка.
„Век за самување“ од Веле Смилевски (2012)
И во овој миг ѝ се пристори дека глас потаен ѝ шепна: „Таа е“...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
И не оди народот кај власта, ами тука, тука во црквата доаѓа и се молат луѓето, та се надеваат дека ќе бидат услишени молитвите топли, тагите потајни, болките големи и присакувањата мали...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)