попатен прид.

попатен (прид.)

Улицата ја зафаќаше џагорење кое се збираше од попатните сокаци, од вратите и прозорците на овие остарени куќи, нагмечени од двете страни на улицата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
На попатната париска станица „Сурен“ една дама в раце носеше некакво кученце, многу мило и интересно поради неговата муцка. Ѝ пристапив и ја прашав колку чини едно вакво куче.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Првата попатна станица ни беше Сегедин, каде што нашите сопатници нѐ поведоа на еден унгарски гурмански специјалитет - аласка чорба - и на капка „барацка“, ракија од кајсии.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Целата попатна панорама е исполнета со населени места: со градови и села, со населби, со индустриски објекти и нивниот крај не може да се догледа, зашто тој се претопува во нов почеток.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Ја стега и не ја пушта ни на попатните станици каде што автобусот запира за одмор, а не ја пушти ни кога стигнаа во Скопје, ни кога врвеа по улиците, ни кога дојдоа во интернатот; ја држеше и во канцеларијата на управникот на интернатот каде што татко му го внесе да го пријави.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
...затоа овие текстови настанати колку што е можно повеќе во процесот на сопственото ослободување од дистанцата ги чувствувам како разоткривање на мојот пат кон новата проза па ја молам почитуваната редакција да ги прифати како мој предлог во поттикнувачката дискусија што започна да се води на страниците од вашето значајно литерарно гласило... искрено свој, зошто ги сакам кроки цртежите или како да се претрча тревогата од разделбите ...сочноста на зрелиот плод впиена во белината на хотелските соби сокот од нутрината излиен попатно танц фигури во постелината во воздухот допира против вечноста летот на недопуштената цигара кон езерото жарот и водата во неподносливоста куса и жешка средба...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Во заоставштината на Големиот Мајстор на Играта се најдени неколку тетратки во кои тој, по свој обичај, си забележувал попатни размислувања.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Аксиом на самореализација попатно ѝ е прилепен на работата дома: човек нешто значи само ако е во бизнисот. Немате активност, немате идентитет.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Живееше во еден пансион со триесет други девојки („Постојано сред смрдеа на жени! Колку ги мразам жените!“ рече таа попатно), а работеше, како што претпоставуваше тој, на машините за пишување романи во Одделот за проза.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Хотелот се испразни како коњушница пред трки - поетите беа заминале по попатните градови на пладневни матинеа и средби со читателите пред да се соберат вечерта во главниот град на поетскиот митинг и приемот во чест на Златниот венец.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
И во возот што одеше од Љубљана за Виена му се чинеше дека неговите случајни соговорници (најчесто Словенци, кои и самите зборуваа сосема несовршен српски откако прво ќе му се обратеа на словенечки) секој момент ќе го збрчкаат носот со презир кон неговото успорено одбирање на соодветни зборови во нивните сосема банални, попатни разговори.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Месецот беше само попатна постојка На експлозијата на мигот).
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Тоа беше истиот ден кога и Јоже сврши работа, така што главната панихида пак беше за него, а Гоцета само попатно ќе го споменевме. Речиси како денес.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
А можеби, заради мојата приврзаност кон брат ми, ме мразеше мене затоа што беше немоќна да ја мрази онаа заради која нејзиниот златен Зиги се одвојуваше од нас; тој започнуваше друг живот, градеше нов свет во кој ние можевме да бидеме само попатни минувачи, во нашиот свет тој сега избираше да биде само гостин, а мојата мајка, ако ја замразеше Марта Бернајс, не можеше ништо да ѝ стори, отровот кон љубената на брат ми никогаш не би стигнал до неа и би останувал во мајка, и затоа ме избираше мене.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Беше собиралиште на маалските пијандури, коцкари и од контејнер извадени швалери, како попатна станица, во отприлика 5-от круг на Дантеовиот пекол.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Но сакам сепак нешто да ви предочам: ваквите неиздржани докрај предлози, поради некоја попатна грешка во нивното реализирање, а чија што единствена цел била да ве вброи помеѓу привилегираните, секогаш се чекор понапред во однос на оние случаи што не влегле воопшто во процедура.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Кога седнаа, додека тој гостите ги послужуваше со супа, сепак, божем попатно, рече: „Намерно едната чинија ни е различна. За да ја разбиеме еднообразноста“.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Но, она што навистина го изненади стариот професор беше не тоа дека кучето со поглед секогаш го следеше кога тој пребаруваше по библиотеката, туку тоа што кога седна во фотелјата и ја отвори големата книга на скутот пред себе, кучето скокна со двете нозе на фотелјата од зад него и се вникна доближувајќи му ја главата и допирајќи го со влакната на својата глава некаде по вратот како едно време покојната жена кога попатно му ѕиркаше во четивото, а што него благо го обеспокојуваше.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Адолфина, паулина, марие и роза - сал една би била вишок во драмата на чехов а сите се отпишани од тефтерот на брат им зигмунд фројд отла и кажува на адолфина дека ги довеле во логорот во терезин и дека е најдобро тука да останат што подолго отла и кажува на адолфина дека храната е еднолична, катаден супа од леќа а попатно и спомнува дека има брат по име франц кафка адолфина веќе почна во себе да го портретира кафка мачејќи се во шеширот да му ја смести ергенската несреќа - во бараката на трудниците несреќата има друго име во предвечерјето на смртта и без месечина јасно се гледа дека црното млеко не е поетска измислица под црно сонце во црна темница четирите сестри на зигмунд фројд спокојно го чекаат црниот воз кон невратот рано в зори и не го забележаа брат им зигмунд како нервозно се тртка лево-десно на перонот пред да си ја испрска совеста во ѓолчето од сестрински солзи.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Попатно застануваа да закрепнат од сркот боженствена амброзија, бестелесно продолжувајќи го летот.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Повеќе