плуска (несв.)

И така отидовме дома кај... кај... (Плуска со прстите). Ете, не ми текнува името.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Кадијата ги прегрна двете кадани што му седеа на колената, ја здружи главата со нивните и се заѕури во играчицата која се виткаше како змија низ трева. – Аферим, бре Халиле-е! – се провикна кадијата, ги ослободи своите раце и почна да плуска силно.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Ко ровји да удираат озгора се гласи, плуска над селото, ѕвечи.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Слепата Донка викаше од чардакот на нејзината куќа по луѓето да не ја остават сама, да ја земат и неа ако бегаат некаде, но никој не ја слушаше од плускањето на дождот; како што водата растеше и ја зафаќаше куќата, така и Донка бегаше од долниот кат на горниот и пушташе камен врзан на конец, пласкаше по водата за да чуе до каде е нарасната.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Аплаузот не запира, ми се оѕвива во ушите. Како дожд да плуска, да удира.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И на лубеницата ѝ гори срцето. Семенките ѝ скокаат, прскаат, плускаат. Подлетнуваат како мувите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Надвор почнува да плуска, да врне.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Потоа ги врза со уздите еден за друг, му се качи на средниот и ги спотера сите три по патот низ селото; коњите испијанети и потсилени од камшикот што им плускаше крај ушите, јуреа низ селото како бесни, креваа прав зад себе, газеа кокошки, патки, мачиња, кучиња и секаква живинка што ќе им се испречеше на патот и опкршуваа со сета сила по сокаците; прислужникот Геро потскокнуваше на средниот коњ, ги стегаше цврсто в рака сите три узди, плускаше со камшикот и викаше силно.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Чувствувајќи како дождот сѐ повеќе го натопува, се пренесе во времето кога ја погребуваа баба му Депа кога исто вака туриваше силен дожд, а тој одеше во погребната поворка фатен за раката од мајка му, дождот му плускаше по главата, по телото, му се лизгаше по кожата и му слегуваше низ нозете во опинците; погледнуваше повремено во баба му во ковчегот што го носеа луѓето на раце: и нејзиното лице дождот го миеше, се лизгаше по него како по восок и ги натопуваше цвеќињата и овошките во сандакот; лееше на попот и му ја гаснеше кадилницата со која штркаше по ковчегот и пееше за покој душа, лееше на луѓето што одеа со наведнати глави.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Гледајќи ги дресерите и кучињата, и таа се соживуваше со дресурата и често плускаше со камшикот и се лутеше кога дресурата не одеше како што треба.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Му реков: Засилен е дождот надвор... Ене плуска...
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
И го мразам плускањето со кочан вода во неизѕидана бања.
„Маргина бр. 36“ (1997)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК