плавно прил.

плавно (прил.)

А сега снегот воопшто не врнеше и Змејко можеше многу добро да си го замислува тој грамаден сам крмак, тоа ѕвере со по два заба, вкопани напред во белината, со една огромна снага, по чии скокови земјата сета татне, како се пробива во мугрите низ неговата долина, споро, плавно и без скршнување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Влегуваат во кафеаната на Јандро, ги запоседнуваат сите маси и столови, се точи, се пие, нарачува Лоте за секого, клокоти и одѕвива кафеаната од песни, од свирки, напнува од викот просторот внатре и, се чини, секој миг ќе пукне како меур; им наздравува Лоте на сите, му наздравуваат тие нему; станува, и мавта со рацете на музиката, и дава знак кај треба посилно, а кај треба потивко да свири, го следат свирачите под такт, го следат луѓето: му се пулат в очи, в уста и ги сливаат гласовите како речни брзаци во една заеничка утока, во една единствена мелодија што се шири полека, плавно.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ги запреа коњите разгледувајќи го одблизу манастирот, восхитени од неговата убавина, кој извишен на карпата над езерото и опкружен со зеленило, се чинеше како да лебди над водата во дланки господови; езерото под него поигрува, одблеснува на сонцето и полека ја заплуснува карпата; лево од манастирот под падината на планината, клокотат огромни извори и исфрлаат изобилство вода која плавно, широко се разлева правејќи езерце што го обградува пошуменото островце пред да го пресече патот под мостот и да влезе во езерото со бучеж; на дното од мирната вода во езерото се прелеваат разнобојни алги фаќајќи ја светлината од сонцето што низ бистрата вода продира до нив; на островцето столетните дрвја ги раскририле гранките спуштени до самата вода во која фрлаат зелени отсјаји; по водата пливаат патки и лебеди, кои вознемирени од тропотот на коњите, се оддалечуваат повнатре во езерото оставајќи долги, меки бразди зад себе; на ледината крај изворите пладнуваат купчиња овци како бели, отворени цветови.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Вдлабочена во срцата, го буди споменот, вивнува кон небото, чиниш ќе ги допре ѕвездите и плавно се разлева.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)