обвитка св.

обвитка (св.)

Го заплиснуваше со сите изглодани мрши и со сите свои соништа, она обезличено суштество на три нозе, кое просто цвичеше, сонувајќи за тоа свое очекување, лижејќи ги неговите стапалки во снегот, при што носалките му се собираа и му се грчеше неговата остра муцка, а притоа од таму доаѓаше и некое на прв поглед ќе речеш презриво, шеговито мрморење низ полузатворени очи, потсветнуваше едно чудно здрава белина на неговите очници, обвиткани во розовоста на неговите непца.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Првиот смрак го обвитка селото со густа и пеплива пајажина.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Веќе е строен, црнокос момчак со вдлабнати, темни очи во кој снегот се топи, со лик и срце од претците, поглаварскиот народ што господареше со моќни градови од камен и иловица, во чиј центар се издигаа гигантски скалести пирамиди - храмови (одолу обете раце на малите свештенички, складни како фигуринки од фајанс, змиите се обвиткуваа со мирна предаденост).
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Заминаа и тој возеше, накај заливот, ноќта се обвитка околу нив.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Сѐ уште, мојата глава е сѐ уште обвиткана со врелата покривка на свиленото задоволство, која ме пецка и навистина уживам во музиката што ја прават возбудениот говор на луѓето и басот на хеви фанкот што оди.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Таа божем скришум ме одвлече настрана, за да не видат другите, скришум се обиде да ми даде две навидум големи копчиња обвиткани со пришиено платно и ми рече: - Ова не се копчиња, туку два златника.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Но низ темнината што го обвиткуваше, слушна нов метален звук и знаеше дека вратата на кафезот се затвори, не се отвори.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Му го опиша, како самата да го видела или да го почувствувала, вкочанувањето на телото на Кетрин штом тој ќе ја допреше, начинот на кој таа како и понатаму да го оттурнуваше со сета сила дури и кога нејзините раце беа цврсто обвиткани околу него.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Таа се стисна до него, ги обвитка рацете и нозете околу него како да сака да го успокои со топлината на своето тело.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Не беше лесно да се проникне во суштината на Мајкината душа, обвиткана со густите слоеви на тишината во која, најчесто, се криеше нејзината самотија.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Се сеќавам на првата ноќ и на моите отворени очи кон благата летна светлина зад прозорците и на мирот во кој беше обвиткана оваа куќа во Долнец.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Кога длабочината на човекот ќе биде недопрена од раката на Светоста, тој ќе се обвитка во лушпите на земските илузии, влегува во сплетки со другите луѓе или сам создава непотребни грижи за време на своето живеење и останува заробен во нивните канџи.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Излезена од саќето на муграта, или од пламенот на лозовите прачки: Најпрвин мирисот нејзин ќе осамне како слутење, дури потоа ќе те обвитка во проѕирна коприна облакот, а сетне засекогаш со тебе ќе остане пепелта на нејзиниот отсутен допир.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Обвиткана во својата аура таа сјае над просторот, предизвикувајќи разни природни влијанија врз земјата.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Црната зеница беше без сјај како да беше обвиткана со магла. Од тие очи излегуваа бистри солзи.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
И сега, замисли, невеста од барака (ќарена за време на земјотрес) со теписон, покриен со черга по дијагонала (од практични причини) и тросед обвиткан со најлон и захефтан со патенти како од филмот „Големата грчка свадба“ (од хигиенски причини), од една страна... и младоженец што живее во државен стан, послан со „персијанер“ и мебел од оние 15,16 ЛУЈ, од друга.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Ако се разбудев порано тоа утро во Венеција и ако го фатев првото вапорето, тогаш ѓоа ќе го видев Шекспир како окапува броејќи ги вековите на плоштадот Свети Марко – чекај да намине некој поасолен млетачки трговец, чекај да го отворат кафето Флориан, па чекај уште во него да намине Томас Ман, па заедно да го презираат оној Езра Паунд, ем да го презираат ем да го ценат, и најнакрај на Осја Бродски да му покажат како зиме целиот град може да се обвитка со едно ќебе, иако овој ги прашуваше нешто сосема трето – со кој брод тој, Бродски, може да стаса до островот Сан Микеле, оти беше чул од некој шерет Бродски, дека убавината е најтешка на Сан Микеле, потешка и од дождовите што севезден им ги стежнуваат соништата на стаклодувачите од Мурано.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Гори бршленот обвиткан околу стеблото на буката и до самоти врв се истрчува врвцата на пламенот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК