низок прид.

низок (прид.)

Но во последната година г.Станчев, кажуваат, се спуштил толку долу, така ниско го спуштил бугарскиот престиж во Петроград како што не ќе можеше да направи и најголемиот непријател на бугарските интереси.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ниска, темна соба со крив таван од греди.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
(Како да прави „метании“ — длабоки поклони при молитва, по колена влегува во колибата, која е ниска.)
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Како на вратот гердани ниски камења студени така на плешки денови легнале та натежнале Денови ли се - денови аргатски маки големи!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
По тоа ја наведна главата ниско до книгите што беа пред него на маса и не ја крена веќе.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Молчеше. Лилјаците ниско минеа, итро кружеа со шум и со танко цивкање, летаа над нас како фрлен камен.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
— Бујрум, бег, бујрум, повелете! — ги кани Лесната на прагот од својата ниска куќичка и вика по сина си Стојана да запали борина, оти веќе и мракот падна.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Ги виде како седат на машкиот кат овие двајца стари пријатели и со низок глас ги поздрави: — Добровечер вујче!
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Гледаше без трепкање и со вкочанет поглед во нискиот таван.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Сонцето одамна се слизнало зад запчестиот планински срт, приквечерината незабележено се довлечкала до селото, ниските куќи исплашено се стиснале до неплодната земја.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
– Mope, ако е за вода, ефенди, седнете, седнете, ене ја Попова Чешма, ладна е како мраз; ќе ви донесам една стомна, напијте се – одговори старецот и погледна со очите кон ниското куќаре, небаре бара стомна, да ги ислужи ефендиите, но војникот што зборуваше по каурски не дочека забитот да проговори, ниту му го преведе на турски одговорот и предлогот од старецот, ами сам му одговори: – Ефендијата сака вода од Бренското Чешмиче.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И знам. Не ќе најдам никојпат збор за да ти кажам што си ми, колку Не ќе разберам никојпат што сум - се привиѓам човек и земја И не ќе ми одгатне никој кое е твоето и кое моето име Зашто бегај, бегај чинам Во некоја корија легни На некој камен седни На некое стебло потпри се па здогледај те, прегрни те Израсната по распаќињата вишнееш низ вековите - За твоите корени сите неба се ниски!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Потоа се шмугна во соседниот двор и го фрли парчето врз покривот од ниската шупа.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Сѐ е суета, рече, а нагонот во мене беше на низок ниво за да бидам цел.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Митко го зема ниското столче и се наместува зад печката, до ѕидот. Тука е топло и пријатно.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Стиснат помеѓу две тешки тела во затворениот автомобил, удираше со голото теме во нискиот метален покрив и прегласно пцуеше - платеници и стаорци, ќе ми паднете проклети в раце и ќе ги проколнувате имињата на сите крави што ве доеле, а тие, свечени и исправени, седеа крај него бес глас во челустите како да се на нечиј погреб.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Со бавни чекори тој дојде до ниското камено ѕитче на кејот, крај споменикот, и погледна долу во реката по која играа светлини од сијалиците на мостовите и околните куќи.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
А галебите се чистотници. Иако летаат ниско, не прават бербат...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
По стреите на ниските куќи ќе се влечат проѕирни сеништа. Негде ќе струже невидливо штурче.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
- Залудно се мачиш со твоите сомневања. - Ох, мили, скап мој, како да го пронајдам оној збор што ќе го изрази она чувствување на жената како мене, слезена вака ниско.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК