несмасен прид.

несмасен (прид.)

Се обидов да бидам духовит и знаев дека сум смешен и несмасен: - Не можам својата љубов да ја кријам. Моето срце е човечко само кога е голо.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
(Изнервиран.) Остави го, ти се молам, пиштолот. Ти така несмасно ракуваш со него, што би можело и несакано да направиш нешто.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Несмасен и збунет Арсо се движеше без телесна тежина и сиот беше само некаква намера, некакво демнење и страв за нешто.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
- Не бавете се, господине! - скоро рика на несмасен француски јазик.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Го опфатила и неподвижноста на малото, кусоного, волнесто мече, со сите оние негови несмасни кружења околу стапицата, кое било физички сосема слободно и можело да замине понатаму, каде сака, или барем малку да отстапи од тоа колнато место, малку да се подисплаши од човекот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тоа траеше сѐ дури мечката не се доближи до неговото јарче, онаква распафтана и несмасна, а после и сѐ додека не зеде, пред негови очи, да го расчеречува со своите несмасни шепи неговиот лов и неговата среќа, тука, веднаш пред него.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во корубата беше направена една стрелка на патоказ, а под неа со несмасни букви во поцрвенетото дрво, стоеше: „ПАТ ЗА ИДРИЗОВО“.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тогаш Шишман онаков несмасен и несмасно пречекори напред ширнувајќи ги рацете, го собра Љакета во прегратката со целата негова расфрланост и го стегна качејќи му го глуждот во крстот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Брзо се свртеа назад, ги вкопаа погледите во сувиот ѕид налик на несмасен оџак, со по една камара од секоја страна и со главите собрани во рамениците брзо почнаа да се крстат.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Пред него трговците живо гестикулираа, попот, зацрвенет, истураше навреди и клетви, а тој, од својот скриен агол, мирно ги набљудуваше како смешни, несмасни кукли.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
А Оливера сѐ нешто несмасно држи: ѝ се лизга од рацете.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се засрамив од тоа што се покажав несмасен и што се имав вомјазено поради знамето, ама такви сме ние машките понекогаш.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Еден толку несмасен човек беше тој мајсторот, а брат ми имаше сличен оторбешен изглед на лицето: таков го виде мојата предсмртна пакост.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Никифор Правдољубивиот ќе забележи дека овој непомирлив противник на схоластиката, еден од најсамосвојните ученици на Музеумот, знаеше со иста непосредност да ги толкува Еуклидовната геометрија, Никомаховата теза за априорната егзистенција на броевите во духот на Творецот, најсуптилните финеси на античкиот јазик или да насмее со импровизираниот мим, често пародирајќи се и себе си како несмасен трговец.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
„Татко, не грижи се. Крилјата можеби несмасно прилегаат, но моиве коски ќе ги зајакнат, мојава крв ќе ги оживее.“
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Татко ми стоеше сред собата, несмасно смешкајќи се. „Сврти се“, рече Мама.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Можеби дури ќе успеете и да го заборавите додека се шеткате меѓу несмасните надгробни споменици од осумнаесеттиот век, понекогаш налик на вазни, што можат да се добијат на некоја уметничка лотарија, но почесто личејќи на облаци вкаменета пена од прашок за перење; потоа меѓу надгробните споменици од деветнаесеттиот век, интересни поради мешањето на рускиот класицизам и уште по нешто руско, се чини, духот на апсолутизмот и, најпосле, помеѓу надгробните плочи од последниве децении, неромантични, каков што е обичниот алат.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Најнапред напиша со големи несмасни букви: СЛОБОДАТА Е РОПСТВО.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Почна да се вртка на седиштето. Најпосле стана, се отетерави несмасно преку ќелијата, пробуричка низ џебот на својата униформа и срамежливо му подаде едно извалкано парче леб на лицето-череп.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Во Заводот за вработување знаеше дека ќе го слушне истиот одговор од несмасниот референт...
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Повеќе