началство ср.

началство (ср.)

На началството му се свиде оваа Пегрева постапка, ги остави браќата заедно и тие први влегоа во Старавина по пробојот на фронтот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Како по договор и едните и другите решија да се фаќаат живи на цуцката (или во краен случај да се колат со штиковите) кога ќе дојдат да клаваат мамци, одговори на најдените книжулчиња и разни продукти, без да стрелаат едни на други, бидејќи началството ова општење го забрани строго.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Шаќир и Јован се бранеа дека ги предадоа парите на прилепското началство, а што стана понатака тие не можеа ништо да разберат од затворот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Овие експерименти со јадењата дојдоа до ушите на власта, и еден ден го повикаа Полина во началството в град.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Но во началството го пречекаа со насмевка и со внимание.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Службеникот од началството што ги разделуваше поканите, неколку пати отиде кај Делина дома, но не го најде.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Во нивните очи најмногу има страв, малку се движат, не се оддалечуваат од бараката, повеќе си лежат на сламениците и „болката“ ги фаќа најчесто кога доаѓа некој од „началството“ како што ги викаат неколкуте чисто униформирани мажи кои постојано се возат со еден дотраен џип од болница до болница, од логор до логор, каде што се собрани бегалците, од град до град, каде што се сместени децата.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Така на Имотот останаа да живеат, пак под закрила на Началството и под закрила на луѓето што работеа на Имотот, двете најмалечките, Неделко и Тоде, зашто постарото од нив, Петар Младенов Акиноски, беше испратено во Бугарија, во Софија, за да се изучи во тамошното воено училиште за офицер.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На навалување на Началството од Потковицата и на Комитетот од Прилеп, и лично на војводите Петрета Ацев и Горчета Петров, бугарските воени власти го оволнија Петара, како хранител на помалите браќа, а тие, Началството, Комитетот и војводите, за да не се дозапусти сосема лозата Младенови и за да има навистина кој да се грижи за сираците, уште истиот ден го оженија со една Дамческа, со Калина Блажева Дамческа, која, пак, се учеше во француското Женско училиште во Битола.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога се чу за тоа во Потковицата, Началството на Потковицата по заповед на Комитетот од Прилеп, плашејќи се за животите на преостанатите деца Младенови и Спасиини, двете веќе возрасни девојки, Марија и Акинија, ги омажи за свои луѓе од делот на Македонија под грчка окупација, во Солун, далеку од досегот на српските власти, а двете помалите, Софија и Нектена, ги испрати во Крушово, кај вујковците.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Вас, господа, ве нема на мојот список а јас сум немоќен да изигрувам некакво началство и прочее.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Тие пред секои избори ја подновуваа старата еднокатна зграда на началството: темножолто однадвор, светложолто однатре, демек фасадата и канцалариите, бело по таваните и модро по ѕидовите до каде што допираа грбовите на граѓаните во чекањето пред шалтерите.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)