напросто прил.

напросто (прил.)

И сега тоа старче си имаше и нова куќа, како и сите други бригадири, како сите братучеди и чичковци на Претседателот, а во секоја соба и тоа имаше по еден персиски килим, по еден од оние, што ги ткаеја девојките од нивното село во текстилната бригада на Задругата, никаде непрокнижен, напросто земен и однесен.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кога се подисправаше можеше добро да ги здогледа и првите модрикави гаснења на квечерините, чиишто волчешки приближени копринки напросто како да ги исткајуваа во своето мрешкање оние издолжени прилики со шилести муцки и со прекршени опашки.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Целата зградичка на пиланата напросто проигруваше од она поројно заплиснување на водата, што сега можеше да се слева по шупливоста од буката и да се распрснува, удрена во коритцата од турбината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
15. КОЈ ЧЕСТО СМРТТА ЈА СПОМЕНУВА, ПОМАЛКУ ГРЕШИ - човекот со тоа на животот повисока цена му давал, уште ако е и бавчованџија тој напросто би решил и кромидовата главица да ја смета за човечка глава...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Некој убавец, којзнае како се мушнал во собичката кај другарката Оливера Срезоска и ете ти циркус, просто-напросто на генералимусот му ја бојадисал со бела боја левата страна од мустаќот, му ставил и некои други знаци на лицето.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Толку се наблиску еден до друг, што, напросто, си ги мешаат водите и на тој начин прават едно единствено извориште.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Во снегот се гледаа траги од стапалки кои, напросто, мамеа да бидат следени. И, народот тргна по нив.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Но Гого, сосема случајно, онака патем или под јазик, разбра дека токму тие биле против него, со образложение дека е толку темпераментен што е просто напросто неорганизиран, а како педагошки правилно ќе влијае врз децата, кои во начело, нели, треба да се подложуваат на дисциплина, па и на ликовната дисциплина; тоа се однесувало на практичната настава, а пак што се однесувало до теоретската, познато е дека односниот бил потпросечен по успех уште во своето школување, па секој незавршен студент по историја на уметноста би бил посоодветен од него.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Скокнува и ломотејќи уште неколку збора напросто се исфрли надвор во ноќта, во длабокиот и бел снег, а по неа, набрзина поздравувајќи се, истрчува и Чана.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Во тој луфт, тој циркуски неон и сега не се познава каде е мојот живот, мојата скриена фалинка не сум крив јас виновни се оние кои веруваа полесно ми беше да бидам неограничен во слободата да грешам, одошто да сакам ја имав секоја имајќи ја безличната жена, не груба, не глупа, не грда напросто ефемерна бришаниот простор ме плаши, не празниот ѕвездената прашинка која светка под папокот на мојата скокотлива куртизана, судбината мојот детски инат, залудното препознавање во сѐ што не сум јас зар не сум доволно смртен за да бидам и жив, и со себеси соочен зар јас ќе го напуштам светот не тој мене, мила моја!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Издувните гасови на правосмукалките, автомобилите, авионите и фабриките напросто те шашардисуваат - твоето око ги прифаќа, но твојот нос прима погрешни сигнали.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Тие, едноставно и ладнокрвно, не се земени предвид (David Daube) – па оттука, сосем точен е впечатокот дека правните акти кои се донесуваат во оваа област, се сконцентрирани првенствено на оние кои имаат [имотните/ богатите/работодавачите], односно оние кои го заземаат централното место во ‘високото општество’ и кои благонадежно ги финансираат предизборните кампањи на речиси сите поголеми политички партии кои подоцна, кога ќе дојдат на власт, во знак на благодарност и по принципот „Do ut des – ти дадов за да ми дадеш“ ги спроведуваат нивните антиработнички агенди. Оние кои немаат [неимотните/сиромашните/работниците], како да се невидливи за системот – тие, заедно сосе нивните проблеми, просто- напросто, се игнорирани!?
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)