намурти св.

намурти (св.)

Животот ти е донегде како огледало: насмеј се, ќе ти се насмее, намурти се, ќе ти се намурти. Поарно да се смееме и да се веселиме!...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Високиот се намурти и колебливо завлече рака во џебот на белите пантолони.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
- Што? Гребаница, а? Се намурти, плукна пред моите нозе: - Мижи - Асан- да - ти - баја...
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Тој гадливо се намурти и ме испрска со стотици капки плуканица.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
И дури вујко му Ѓуро му даваше кора и печено бравско месо да јаде и го убедуваше дека уште е малечок за комита, Крсте сѐ повеќе се намуртуваше и уста не му се отвораше — не му се каснуваше.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Тој час се намуртија и двајцата.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Овој се намурти кога Анѓа го фрли ибрикот и стана простум, тресејќи ја својата побелена брада со јад и силно се провикна – Тука да се донесе таа кучка врзана – и строго ѝ се овргли на Ајша, оваа излезе низ вратата.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Султанот се намурти и му даде заповед на везирот: – Веднаш да се затвори Фрања Заја, австрискиот пратеник кај нас и наредба до Казим-паша во Будим да се расправи со тој бунтовник.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Кадијата се намурти, ја наведе главата, си ја помазна брадата, почна да си го поткаснува десниот мустак и зашета низ одајата, очигледно растревожен за неуспехот на неговите луѓе.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Сѐ почесто небото се намуртува, сѐ почесто дуваат студени ветрови и носат магли и дождови.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Само се намурти. Зборовите на Питу го стреснаа.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Арсо се намурти. Си го сврте лицето кон ѕидот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Гоце се намурти, ги крена веѓите, го поднамести појасот и се замисли...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Денко се доближи до поточето и ја пикна раката во кристално чистата вода. - Бррр! Мраз! - го намурти лицето.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Првин наиде на сликата од бога, ја загледа и се намурти: господ беше седнат со ѓаволот на еден голем облак и се коцкаа: место пари - разменуваа луѓе. Се возбуди, пламна и ја искина.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Почесто влегуваше во одајата да види дали е тој тука, и кога ќе го видеше, ќе се намуртеше и ќе излезеше.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
„Уште се обидувам да погодам кај беше,“ се намурти Ризо.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Лицето ѝ се намурти и почна да плаче.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Тоа го охрабри, или го насочи, или го поттикна, или просто го подлажа да напише еден драмски текст, од кој театарските уметници толку се изненадија што дури и се намуртија, па одвај се најде некој почетник режисер да го постави на една провинциска сцена, некогашна коњушница на некогашна касарна, што живуркаше со половина душа, одвај собирајќи премиерска публика, а не пак да собере некој денар за авторски хонорар.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Кога таа се намурти во неразбирање, ѝ објасни дека и книги се даваат на заем и дека таму тој е само помошник.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)