механизам м.

механизам (м.)

Механизмот на памтењето со мака ги оживува, често беспомошен да ги поврзе и да ги одвои од случајностите, да ги предаде наполно и јасно.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Го враќам минатото: провокаторот е закопан на многу места во куќава - дел во оние стари добри пегли со јагленово загревање, дел во радиотот чиј механизам го однесоа во вреќа црни и дрипави собирачи на старо железо, дел во дупката на подот во кој ја чував Неговата слика.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Зачекори во крај, во непостоење, во пресрет на два истрела и еден празен крцкот на веќе испразнетиот механизам.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ги склопив очите и се обидов да се приберам раздвижувајќи го во себе испробаниот механизам на логиката.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Зад напластеното сивило, ликот на еден Фројд стануваше нејасен и тој, Иван, почувствува дека совршениот механизам во него се руши со татнеж, дека тоне во црна недогледност.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Осумнаесетото лето откако почна животот, Иван, функционираше како прецизен механизам на часовник, се во одредено време: фудбал, стихови на класици, француска граматика, одмор. Беше и амбиција и умереност.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Најпосле, ако не Јана, друга ќе го одржува совршенството на неговиот механизам, но начнат од нешто непознато се решаваше: сепак, ќе проверам, ќе барам и ќе најдам...
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Овие раце, продуховени од некоја немирна страст да стигнат и да уловат нешто во теснината на оваа глува дупка, се пуштаат се напред, ја влечкаат влажната мека маса и одново, со точноста на механизам, жедно се провираат под нозете и градите на Арсо.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И тој беше тука и знаеше да ракува со сето тоа така, како целиот тој механизам да беше просто продолжување на неговите прсти и, ни тој, ни бичкијата, не мораа попусто да се трошат во ниедно непотребно замавнување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Само кога ќе подзастанеше еден миг, со виснати раце и со две капки пот над веѓите, можеше да погледне на сето тоа, но уште веднаш потоа сѐ исчезнуваше, оставајќи го целото негово суштествување само за да може да ја дочуе и најнезабележливата промена во писокот на неговата пила, додека таа саскаше низ некој глужд во трупецот под себе, за сето време чувајќи го на дофат малото кутивче со подмас, со кое поминуваше по сите зглобови и по сите колена на механизмот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И додека ги користев сите овие механизми, застанав пред еден подолг ходник, во кој имаше темно-жолтеникава светлина.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Службата за сместување и исхрана функционираше како прецизен механизам, просто зачудувачки точно.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Битно е зашто на тој начин полесно ќе се навлезе во сложениот механизам со кој таа ги пласира своите значења, своите поенти и откривања.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
оние што споро одат, стапало пред стапало, како да го мерат патот, како да ги тера бавен механизам - бавни се во сè; во реакциите, во мислите, во рефлексите, во постапките, во зборувањето; понекогаш одат толку бавно што ти се чини дека двапати згазнуваат со иста нога: како да гмечат или набиваат нешто под нозете; рацете ги држат до телото или во џебови; не се пулат во часовник; ги сакаат оние луѓе што одат исто така бавно како нив; спрема одењето го одбираат и патот по кој ќе одат.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Го враќам минатото: провокаторот е закопан на многу места во куќата - дел од оние стари добри пегли со јагленосано загревање, дел од радиото чиј механизам го однесоа во вреќи црни и парталави собирачи на старо железо, дел во дупката на подот во која ја чував Неговата слика.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Останав да стојам без движење и без сили да се соочам со тајната што можела да му биде позната на некој веќе покоен чиј живот можел да има значење токму заради она што било и што е во него; куп безвредни книжни пари со восочен лик на некој монарх, записи и стари писма, чеиз и неразделиплен невестински фустан, секира на злосторство, фајанс, сребро, часовник со мртво време во механизмот, некаков пергамент, ферман акт на судбина, библија под черупка за клетва на непознати заговорници, ограбени тасови и кандила од наш западен манстир, суво ерусалимско свето дрвце, зографски платна, книги, алати, ископано, камено торзо од Стоби, шандани, присокриено брашно во некоја гладна година, мошти на лажен светец, трговски тефтери, бројници, ретки ткаенини, поскурници и дрвени распетија, беговски појас под јатаган, билје, мелеми, збирка на инсекти, коски, гниеж и претчувства, една невидена и невидлива магија, но таа, во допир со живиот свет, ќе го изгуби значењето и ќе не осиромаши за една загатливост.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Моите очи останаа живи само за ток експонат во гробницата на ненужните стари мечови и наџаци, кубури, клопотарци, икони, лажни Буди и Шиви, црковни книги, евзонски носии, светогорски бројници, сребрени пехари и фајански ламби, кандила, беговски чибуци, во тој калеидоскоп во кој вчерашното време умрело под 'рѓата на механизмите на секаквите дрвени и порцеланени часовници и го нема зад правливоста на старите огледала тоа време од кое испариле и кросниците и творците на сета излитеност. Рубина - но дали Фаин?
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Го познаваше механизмот на часовникот до најмалото шрафче.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Кој сум јас, си мислам, да судам за човечките чувства и да ги исправам механизмите.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Цврсто вообличената филмска оркестрација проникната е со една богата барокна постапка со примери од европската наративна и ликовна традиција, со кои режисерот оперира како со некакви поединечности и варијации на трагата на еден запрепастувачки механизам.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Повеќе