магичен прид.

магичен (прид.)

Поттикнат од некаква магична сила сликарот почна брзо да поминува со четката по платното... Момата незабележно исчезна...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ја открива магичната играчка. Исходот не е познат, дури неважен.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Замижа. Одеднаш се најде во оној дел од родниот град, со темни калдрмени сокачиња, за кој толку често раскажуваше или го опишуваше во писмата до најблиските како магичен амбиент на своето детство.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Со целиот циклус на митовите сврзани со Црвената глава, истиот тој Црвената глава се наоѓа во неутрална положба во однос кон останатите ликови на митот: тој не е магичен помошник, не го движи дејствието, далеку е да биде од главните протагонисти.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Племињата Arapaho и Kiowa: убав и мрзелив младич не сака да се буди рано наутро; да може да спие колку сака тој треба да убие неколку канибали со лисеста (црвена) боја на косата; на сцена повторно стапуваат магичните помошници со чија помош младичот ги убива канибалите и сега е слободен да спие до доцна.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Најтаинствениот „магичен квадрат“ кој ги соединува анаграмите и палиндромите, е славната формула Sator Arepo.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Нешто што се доживува како луксузна кочија со полнокрвни коњи, иако зад тоа стои тиква влечена од пар глувци. Нешто магично. Ѓаволско или ангелско. 114 Margina #11-12 [1994] | okno.mk
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Тој светот го доживеа како магичен божји лавиринт, но не барајќи го влезот, дури ни излезот. Заглави во мистериозноста.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Овој логичен факт доведе до една друг вистина во науката-уметноста-вештината на огласување: секогаш треба да се истакнува една идеја, една магична област која посочениот производ го одвојува од сите други на пазарот.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
За жал, такви примери има многу, особено на магичниот Балкански полуостров.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Рудолф II, имено, како што веќе рековме, собирал секакви чуда: огромни црви, џуџиња, џинови, шкорпии, сијамски близнаци, чудесни камења, магични направи, лавиринти, музички автомати, часовници, фосилизирани билки и животни, оптички инструменти, огледала од сите видови, куриозитети од Индија, Кина, Перу...
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Таа, на магичен начин, ја поврзува реалистичката постапка на Јован Бошковски, авторот на првата збирка раскази на македонски јазик, со некаков си урбан „фантастичен реализам” на Веспа Демонска, на пример; или, Урошевиќевата постапка на „онеобичување” со гротескната слика на градот на Ермис Лафазановски; или, налудничавото Скопје потонато во православна хистерија од Самураи на Славко Јаневски со новиот сензибилитет и урбаниот пејзаж на Буде; или, лирски снажното стареење и изумирање на нештата од расказот на Димитар Солев со осаменичкото, отуѓено и невротично „живуркање” на студентот од Ѓон на Драги Михајловски; или, Чаршијата од предземјотресно Скопје на Данило Коцевски со денешниот Битпазар од расказите на Јадранка Владова; или, фактографското отсликување на личните спомени врзани за скопското предградие на Ташко Георгиевски со александриската или „борхесовската” постапка на ерудиција која ја негува Венко Андоновски...
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Ете, досега бегав од неа, а еве гледате и сами, навасав баш на магичниот поглед на кој не можам да одолеам.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Мајка тврдеше дека Татко ѝ се доверувал дека цел живот во библиотеката, трагал по магичниот редослед на читањето кој ги покажувал среќните излези за семејството, одговорите на големите прашања на егзистенцијата, во кои било вклучено и прашањето на враќањето во родната земја.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Ги сметав за богови; нивните соло партии ги свиркав со устата воодушевувајќи ѝ се на инспирацијата што ги создала; но кога научив да свирам саксофон, кога технологијата на свирење (на дишење и работа со прсти) веќе сосема беше совладана, таа магична аура околу нивните солоделници сосема исчезна: јас видов дека таа совршеност во огромен дел се должела на техниката на свирењето и дека некаде, токму техничкиот потег на прстите, уиграната техника на дишење (неможноста да вдишеш двапати по ред без да издишеш) била таа што решавала цели пасажи од мелодиските линии.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Зборовите имаат својство на магични клучеви и како ножови на кожата ја отвораат вистинската промисла.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Стиховите и песните, издишани и напишани со даровитост, во себе кријат магична моќ.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Во занесот го гледам само модриот прстен од левата рака на продавачот, ги слушам магичните зборови и час пропаѓам или се кревам, час бладам или потпевнувам, обидувајќи се, притоа да им посочам на моите на петелот „Чуварот на сонот“ кој се така бдее и пее надвиснат над мене, и ако заклан.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Насекаде се шири мирис на печива и слатки колачиња и чоколадни зезалици, додека од секое ќоше одекнуваат божиќните песнички... а ти седиш сам на аголот и мечтаеш за идниот Божиќ, во којшто нема повеќе да бидеш странец и шупак во овој магичен свет!
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Но како што секоја Пепелашка има своја самовила, така и јас по еден магичен телефонски повик го напуштив омразеното работно место и започнав преговори за мојот прв сериозен ангажман во Америка.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Повеќе