крајбрежен прид.

крајбрежен (прид.)

Слепиот ѕид ја затвораше тесната улица - гол како крајбрежна студена карпа на која налетуваат слаби лотки, управувани од бури и виори.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Жените по колјата, пред крајбрежните куќи, денес некако полесно и повесело ги топеа во водата и ги белеа своите платна.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Го говорев и тоа што беше напишано и тоа што никогаш не ми паднало дотогаш на памет. - Ох, молчи, молчи, брану див, кажи во овој случај кој е прав, кој е крив, - и, се разбира, вчас стивна бранот, настана една долга пауза, крајбрежните води тивко шумолеа, божем, го предеа платното на вистината, бело, а отровот, невистината се претвораше во малечки, црни меурчиња што ништожно умираа на брегот.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Не стигнувам ни да помислам што јас, малечкото девојче, од својата мирна крајбрежна променада, барам тука, на највисоката карпа, кога притисната врз врелата острина на каменот, ме облева еротското задоволство.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Вљубени во бреговите и плажите, ртовите и гребените, карпите, полуостровите и линиите на брегот, тргнавме последниот ден од рамазанот, откако успеав да го совладам егзотичниот менувач на реното, низ буганвилии и низ заслепувачката сончева светлина источно од Тангер кон карпите на ртот Спартел, кадешто Гибралтарскиот теснец се сретнува со Атлантскиот океан, а од таму покрај брегот кон југ низ со риба богатиот Асилах до од пат тргнатиот крајбрежен парк наречен Дипломатска шума, кадешто застанавме за да пливаме.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Кога тоа утро влегов во дворот на крајбрежниот манастир, заедно со колеги ликовни уметници, почувствував несетено спокојство, блажено настроение, кое, чинам, влезе во мене преку воздухот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Потоа појде кон реката. Со навиката од езеро, првин цапна неколкупати покрај брегот и си ги иструга петиците од тврдите крајбрежни камења.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Стига да ни намигне од далеку Таа натраплива заводничка, победата, И стрелката на часовникот ќе из'рти од коренот на времето Ќе блесне заслепувачки знакот, белегот, зборот - Високиот неодминлив крајбрежен светилник!
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Пред неколку дена бев примен од Јасер Арафат, во резиденцијата на неговиот амбасадор во Тунис, во крајбрежниот Гамарт, недалеку од Картагина!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
6 Во окото на камерата се сместени крајбрежните трски, мирнотијата на водата, мноштвото јата од разновидни птици, островот Свети Ахиљ и ѕидовите на големата, некогаш прекрасна катедрала во која се молел царот Самуил и неговите воини, високите езерски камени бели брегови во кои сѐ уште се сочувани пештерските црквички и келиите на калуѓерите- испосници и иконата на Света Богорица насликана на карпа сто метри над езерската вода.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Ене онде на океанскиот брег под крајбрежните чемпреси Абориџините трампаат една песна за еден радосен крик на делфините отшто само делфините се радосни на плажите на кои има илјадници километри за распостилање на домородната тага.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Езерото се размавтало и размавало и капки од брановите што си ги кршат главите од бетонот на крајбрежната тераса удираат во прозорците и ни го замаглуваат видикот.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)