колкупати прил.

колкупати (прил.)

Знаеше тој дека од прозорецот над него можат да се заискрат оние опасни трескотници, кои не му беа непознати и пред кои тој којзнае колкупати во својот волчешки век недосежен се засолнувал во шумата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Колкупати во студот сум си рекла да слезиме долу кај пашитата. Да си дишеме заедно со добитокот. Едни со други да се топлиме. Како што правеа мнозина.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Кој знае колкупати така до смрт дојде, ама не било за тогаш умирањето...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ајде секој нека се присети колкупати одложил некоја работа, колкупати задоцнил некаде, колкупати завлечкал нешто и колкупати задачите му останале несвршени.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Колкупати само, ноќе, о боже, колкупати и мене ми се јавуваше некој глас за тоа пусто јадење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
После, којзнае колкупати ми идеа на сон. Црните лезбејки.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Оти, јас, наставничке, колкупати таму сум забележал дека некој во неа живее.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Колкупати сум плачела од бес кога ќе се вратам од школо и кога ќе видам дека во мое отсуство ми зел гумичка, или ми украл некоја скриена мастика.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
А дедо ти? Колкупати само во спомените, на кои се навраќаше од ден во ден, има слегувано во оној проклет бунар?
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Колкупати имам одено на изворите на Ќежевица! Уште како дете, со мајка ми, потоа како девојка, со другарките.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Колкупати и фустанот си го има кревано, онака, без да му ја мисли, за да ми го покажала новиот розов комбинезон.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Колкупати го имам наслушнато неговиот глас од оној ден кога ни ја прикажуваше својата надмоќ преку својот патлак со лисичја глава.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Се разбира во посмртните изјави би можеле да најдат место и такви поединости како што е на пример податокот која личност , по кој повод и колкупати му го има загорчувано животот на починатиот.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Колкупати горе во планината ќе ме поткренеше од сон неговиот глас.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
„Ох, само да знаеш колкупати си имам речено: Зошто оние јуначишта ја одминуваа мојата куќа и не заноќуваа кај мене!?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Не знам колкупати сум го спомнала, реков. Тоа нема значење.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Ако ја праша колкупати го има расклопувано оној кревет до комодата? и дали на него се имаат грвалаено? и по колку пати на ден?
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
И кој знае колкупати си го поставува истото прашање: - Кој ли го измислил ова зло – убивањето? – дали некој ќе го искорени?
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)