исчезне св.

исчезне (св.)

Но исчезнаа тие историски услови во кои Индоевропејците се разбираа помеѓу нив и настапија други историски услови во коишто започна цепењето на јазикот, на општото национално самосознание, со заеднички јазик, верувања, ќуди, преданија и др.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Кога ќе затракаат печатните машини во Македонија, сѐ ќе исчезне.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ако новото течење од гледиштето на комитетите е нешто опасно и непожелно, тогаш тоа треба да се искорни уште при самиот зафаток; ако тоа само по себе нема почва, тогаш треба да се остави само од себе да исчезне; а ако е полезно за Македонија, тогаш ќе треба да се поддржи од нив.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
СЛОБОДАТА: (Исчезнува опкружена со светлина)
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
Тие ги испраќаа со жален поглед се’ додека не исчезнеа зад првиот завој, но немаа смелост да се испречат пред некој од нив за да го помолат шоферот да ги качи.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Не, и ако отидеш кога узреат маслините и од глувото пристаниште првиот кораб крене, ако сетиш некогаш во бурјанот на годините како се исчезнува и полека вене.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Ќе исчезне, и тој ќе ги отвори ширум очите да го види животот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Додека под нашите раце бесшумно исчезнува ноќта кон наслутениот смев интимни сосема одиме Оваа постела потна е море со високи бранови што во пените на чекањето ги фрлаат нашите тела и на тој пат што мами сосема измешана плови зелена гранка од соништата и раката од пелин Па сѐ по малку сетни рацете твои како пристан тогаш сум и брод и галеб што во него ќе слета и ја наоѓам во него онаа неизбежна вистина што мавта и подмладува со рацете на ветерот
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
И уште не ти исчезнале од душата печатите на непријатните студени дни, а веќе по улиците и булеварите божилак од женски облеки разградени, тенки, проѕирни, шушливи - милина!
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во огледалото брзо исчезна ликот на Јанте. Оттаму гледаше сега Сашка.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Сијалиците почнаа да се гаснат. И осветлените прозорци, еден подруг, исчезнуваа во ноќта.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Арсо ќе му помогне да појде пак меѓу луѓето, така, лежејќи и тонејќи во исчезнувањето.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Но, овде, на свиокот ненадејно ја пресретна широк плисок од светлина и мракот исчезна.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Таму нешто можеше секој миг да исчезне.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тогаш срнчето скокнуваше како бесно во длабокиот снег и запливуваше по него, сѐ дури не се запреташе на некое место и не папсаше од сите тие свои бесмислени скокови, или додека не се притиснеше до некое стебло, речиси исчезнувајќи пред неговиот поглед.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Отидоа, мислеше, а знаеше сигурно дека ниеднаш дотогаш не ги сетил толку блиски, оние двајца луѓе, како во тие мигови, додека го следеше нивното исчезнување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беше готов да се отпушти и да легне во меките пилотини во неговите нозе, да си ги запрета во нивната мекота сите болки по своето исцрпено тело и така сосема да исчезне.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Белите бујни цветови исчезнаа во студениот снег...
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
- На онаа во која детето го нацртало цветот, па кога тој овенал и исчезнал, детето ја имало неговата убавина во своето блокче.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Тоа беше ден на исчезнувањата. Бог рече денот да се вика бестрагија.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК