испушти св.

испушти (св.)

По малце време беа растанале сите од куќа и секој по нешто работа работел: мајка му фатила кравите да ги молзи, невестата му овците ошла да ги молзи, син му свињите и телците, прлињата ги испуштило за в говеда да одат, сестра му куќата фатила да ја мете и гнојот да го фрла.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
МАНОИЛ: (Ја испушта пушката и паѓа изнемоштен) Оди си, ќе ослепам од твојот блесок!
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
Ти велам, колај работа! Го уловив ли јас него, не го испуштам од раце, па волкави заби да има!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
И куршум екна – пропиште онаа песна проклета. Стојана в гради погоди, смртна му рана отвори, замина, „оф!“ не испушти сред младост бујна, јунашка.
„Песни“ од Коле Неделковски (1941)
Една мала, топчеста бригадирка, преврзана со бела шамија, кога усети дека ја блисна студена вода и и’ се разлеа по градите, цикна преплашено и го испушти чанчето на земја; Мече се засркна од смеа, а после нацрпи во црпалото пак вода и уште неколку пати ја плисна бригадирката, која што беспомошно се обидуваше да се одбрани со раце: – На, сакаш уште!
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
— Ама и Илко не паѓа по долу, џанам, — пак се кажа Велика, и испушти една незабележителна воздишка.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Есента веќе се јави на прагот. Буката во Лигураса за една ноќ ја мени бојата од зелена на жолта, градините одамна се „испуштија" и мажите ги качија прачките (бобовици) по врбите да презимуваат, за напролет пак да ги накачат граовите.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Илко ја гледа неа, таа него, но од возбуда и среќа не можат збор да испуштат од уста.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Еднаш на еден му ја запали племната, на друг му го испушти житото од амбарот во калта.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
– Е, сега нека мрдаат како риби на песок – му се испушти на Аџијата од гради една длабока воздишка.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Суљо пак направи темане и испушти едно придушено: – Разбрав, кади ефенди! – Е, ајде сега.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Така наредени ги наведоа главите во знак на понизност а кадијата излезе пред Ајша, која се тргна од вратата и достоинствено испушти: – Што прават моите самовили?
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Нозете ги држеа одвај простум, а изморените раце им ги испуштаа алатите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Митко прво силно се изненади и за малку ќе ја испуштеше слушалката, а потоа кога малку се созема почна силно да вика, онака како што правеше мајка му.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Но сепак ги стегнува вилиците да не го испушти крикот затнат во грлото.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Една вечер кога ќе стивне вревата во каушот, ќе ја испушти крвта. Или нешто поубаво.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Очите не го испуштаа живеењето на ова слабо пламенче што плаховито се виткаше, се смалуваше и наеднаш подрипнуваше како да се покајало за својата минутна слабост.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Очекуваше, постојано со некој страв од секое свое движење, просто како да се вардеше да не го исплаши самото разденување, што газеше наоколу напрстечки со плаховит чекор на срна, а за сето време внимаваше да не испушти од својот поглед ниеден миг на ниеден од сртовите над себе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Главниот инженер, велеа, стоел на вратата. Жената го видела и сѐ уште не го испуштала оној.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Камењата, шметнати, испуштаа црвени огнила, а оној прескакаше над гробовите како да е скраја, ниеднаш не стивнувајќи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК