испразнет прид.
испразнетост ж.

испразнет (прид.)

Зачекори во крај, во непостоење, во пресрет на два истрела и еден празен крцкот на веќе испразнетиот механизам.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Неканетиот со ширум отворени очи го проследи неговото движење и му ја зеде од раце испразнетата чаша.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
А поминатата ноќ можеше да биде само онаа нишка, околу која, како во процесот на кристализирањето, се собираше сѐ за тие луѓе, кои тој сега ги гледаше од сите страни и во сите времиња и сега веќе горчливо си се потсмеваше себе си, кога ќе помислеше на својата самота, онака папсан од смеењето и испразнет од неговата експлозија.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но кога ја немаше штамата и тихоста - на нешто непријатно и загубено потсетуваше; потсетуваше на испразнет храм што одѕвонува таинствено и чудно...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
И крстот е уште меѓу коските. Очните дупки веќе му се испразнети, од устата му наѕира гуштерица, а устата ништо не зборува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Од нив небото на Потковицата никогаш не е испразнето, нивните страгорења и нивниот цвркот, во пролет и во лето, како водопад се истура во тишината, а таа во себе ги прибира и другите притоки на гласови, оние на жегалците и жабите, за на зима, таа, тишината, под високо настожен снег сосема, сосема и сѐ да поплати.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кафето не му остава знаци во испразнетиот филџан.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Леси се случува како и сите видливи појави: арапскиот ресторан на четвртиот кат во испразнетата зграда, голтките топол пијалак од шарената шолја извалканиот кафеански чаршаф, онаа жена во кафеаво палто и со долг бел шал врз него, која го припила до себе своето дете сред уличниот метеж, тркалезната купола на амамот, запрено во мигот пред тресок.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Да се пречекори тој раскин кого што луѓето како и да не го забележуваат иако кој знае што воопшто забележуваат тие мрачни луѓе што се качуваат во вагоните на метрото за потоа да се симнат, што покрај превоз бараат тие луѓе што се качуваат пред или по за да пред или потоа се симнат, а што само се поклопува во некоја зона на вагонот каде што сѐ е однапред решено со тоа што никој не може да знае дали ќе излеземе заедно, дали прво ќе се симнам јас или пак оној слабичок човек со ролна хартија, дали онаа баба во зелено ќе продолжи до крај, дали тие деца сега ќе се симнат, ма јасно е дека да бидејќи веќе ги собираат тетратките и лењирите, низ игра и смеење приоѓаат кон вратата додека таму во аголот некоја девојка се стабилизира за да потрае, за уште многу станици да може да седи врз конечно испразнетото седиште, а таа девојка е непредвидлива.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Обесен за стапалата, додека скалпелот му минуваше преку грлото, а уште еден низ градите; неговиот труп в час беше испразнет од утробата и поставен на маса под улицата, во скриената келија.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
А пладнето блескотеше, топејќи ја својата сончевина по испразнетите улици.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Излегуваме од хотелот. Плоштадот беше необично испразнет!
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Ѝ реков дека џезот веќе е сосема испразнет од фолк-содржините на црната раса, од неговата изворна фолклорна содржина, дека е останата само неговата рамка, неговата универзална музичка форма, која сега треба да се полни со нашиот фолклор; и не само со нашиот, туку и со секој фолклор во светот, оти не е само нашиот фолклор богат, туку има такви уште неброени и незнајни богатства на планетава.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
А потоа, оној мрак во испразнетите куќи, стравот што демне од секое ќуше, а и темницата; она чувство што го потхранува таа: дека секогаш постои можност и некој друг да се појави од длабочините на ноќта, некој што исто така е претоварен со страв!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Инаку зар немаше да сме уште понесреќни поради големиот број испразнети рамки што ќе ни се нишаа пред тоа зачудено око на споменот?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Потоа настаните почнаа да се одвиваат како на грамофон со труба, на напуканата плоча ставена на погрешна брзина: предвоениот доктор заедно со својата животна придружничка реши пензионерските денови да ги заврши во родното место, кое сметаше дека најпосле заслужило славниот сограѓанин да ги остави своите коски на прадедовските гробишта штотуку здобиени со нова реформистичка управа; младата мајка се уштутка во одеднаш испразнетата куќа, со доенче во едната, а скрипти во другата рака, не знаејќи дали попрво да готви ручек или да пере пелени, па најпосле најми дадилка и се префли на фармација.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Како во сон друг што му го кажувал, на доктор Миха му поминаа наредните денови и ноќи, споени во некоја колку сивина толку темнина, во која сè се препознава по научен навик а не со непосреден допир - од моментот кога го препозна синот во мртовечката картотека на Судската медицина, преку поворката низ гробиштата во која место тој да ја придржува жена си таа го придржуваше него заедно со ќерката, до тупотот на првата грутка земја што удри по сандакот на син му во гробот и оттогаш не престана да му одѕива во испразнетите гради, како грмеж од небото кој пред да одмине со облаците спалил една кревка тревка што ќе запусти цела душа.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Животот е полнење на испразнет простор Светлост што патува од праг на праг Животот е река што тече и под мостот Нечујна од шепотот на молчеливиот мрак.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Туристичките места беа испразнети од летните гужви и имаа свој посебен шарм.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
На враќање Рада не се врати на последното седиште, туку седна на испразнетото место кое зад себе го остави младиот господин, кој пред неколку мига седеше до младата дама со зифт црните коси.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Повеќе