испари св.

испари (св.)

Во просторот на живиот карантин од подот се испаруваше вчерашната влага на големиот дожд.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Станичен перон во птичја перспектива. Сивило на есенски ден, некакво синкаво испарување и едноличен, речиси зарипнат женски глас: ВОЗОТ ЗА БЕЛГРАД ПРЕКУ КРАЛЕВО ПОСТАВЕН Е НА ТРЕТИ КОЛОСЕК.
„Го сакате ли Дебиси“ од Лазо Наумовски (1973)
Кое од чадот, кое од испарувањето на утрешната роса, тоа беше поклопено со танок слој и како преку коприна се наѕираа ниските чифчиски кошари.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Инаку, оддалеку карпата личи на некој светец, на кого при зајдисонце и при испарување на водата, на врвот му се исукува голем колтук, ореол, што блеска пурпурно.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Но, кога се живее и се работи во него, малку е поинаква состојбата, веројатно затоа што човек се втопува во секојдневното сивило на овој град и станува една незабележителна честичка на неговото цело и затоа што со сите парижани го вдишува загадениот воздух, кој се испарува од трите милиони коли.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Велика се разбудува и носи едно стомне од бодникот меѓу врати. Ја пијам водата и водата уште в уста се вжештува и испарува. Не слегува подолу од устата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
„И кога првиот ангел затруби со трубата, се крена голем оган и падна на земјата: третина од земјата изгоре; кога вториот ангел затруби, пламен падна врз морето и третина од морето се испари; кога третиот ангел затруби, голема ѕвезда се откина од небото: името ѝ беше Пелин и третина од водата стана пелин и многу луѓе изумреа; кога четвртиот ангел затруби, третина од сонцето, третина од месечината, и третина од ѕвездите, потемна, згасна; и видов еден од ангелите каде што лета по небото и чув каде што вика со глас голем: тешко, тешко, тешко на оние што живеат на земјата; кога петтиот ангел затруби, падна пак голема ѕвезда од небото и се отвори бездна на земјата од која се крена голем чад што го потемни и сонцето и небото...“
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Неколку парталави дечиња го следеа, но како го оставаа Градот, и се наближуваа до подножјето на планината, така ја губеа сигурноста, едно поедно се повлекуваа, исчезнувајќи во испарувањата на Градот.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
„Кога човекот ќе истине, крвта испарува од него.“
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Тенковите околу границата ја чекаа Неговата команда додека тие, со муницијата што ја имаа во складовите, не ќе издржеа ни толку колку што и е нужно време на капка алдехид да се испари, на тоа соединение чии биолошки молекули еднаш, по не знам колку илјади светлосни години, ќе попаѓаат од галаксиите врз нашава планета, од да се развијат нови суштества, сеедно какви и до колкава мера поинакви од нас, да се вклопат во ритамот на животот според Неговите формули - класно изедначување на расите и ...
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Моите очи останаа живи само за ток експонат во гробницата на ненужните стари мечови и наџаци, кубури, клопотарци, икони, лажни Буди и Шиви, црковни книги, евзонски носии, светогорски бројници, сребрени пехари и фајански ламби, кандила, беговски чибуци, во тој каледиоскоп во кој вчерашното време умрело под 'рѓата на механизмите на секаквите дрвени и порцеланени часовници и го нема зад правливоста на старите огледала тоа време од кое испариле и кросниците и творците на сета излитеност. Рубина - но дали Фаин?
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Се свртев без збор за да не паднам во искушение да земам една од румените кифлички што се испаруваа од длабоката чинија на масата и примамливо мирисаа.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Од стоплениот камен видливо се креваше лилаво испарување.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кришум, додека луѓето се собирале да го определат местото за гроб, Лозан Перуника се стрчнал со намера да ја спречи девојката да се доближи и да ја открие неговата тајна, ноќните грчења и возбуди од кои до зелените мугри на пролетта крвта му се испарувала низ облеката.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Лежел. Бил ден, од денот се испарувала темница.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сончевите зраци се пробиваа низ високите дрвја правејќи светли завеси од утринските испарувања на влажната земја, ширејќи мирис на печурки и папрат; разнобојните лисја на дрвјата се преливаа на светлината добивајќи прекрасна патина, претсмртна боја; клукајдрвците удираа по дрвјата и огласуваа немир; немир владееше и во кучињата: напињаа на ремениците со кои ги водеа манастирските слуги, душкаа по земјата и бараа да се ослободат, да оптрчуваат; повремено ќе заквичеа но слугите ги смируваа жулкајќи ги по главите, или удирајќи ги по муцките.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
По неколку часа - нејзините хулахопки и мојата кошула стуткано префрлени преку столица, намокрената четкичка за заби, во купатилото испарува топлината од туширањето.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Со загадочна насмевка се провлекуваше низ блутникавите рефрени и распашани подвриснувања и оставајќи ги се спушти до солениот, карпест брег, со поглед закован врз смиреното море, над кое трепетливо испаруваше Месечевиот бакнеж.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Наеднаш од темните облаци заплускаа јадри капки дожд по земјата, удираа по лисјата и ги ронеа; земјата започна да се испарува и да шири мирис на печен костен и леб; мирисот му влијае на Богдан опојно.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Кога останува сам, Сенка, притискајќи едно копче во масата, целиот огромен ѕид отспротива го претвора во големо огледало кое сега ја отсликува целата долга маса со тринаесет столови, и господинот Сенка во центарот, сличен на некој чуден светец, но сепак повеќе, така сокриен од светлината, налик на дамка од разјаденост врз површината на огледалото, или пак како давеник во таа живина локва, „чии испарувања, кога-тогаш, ќе нѐ задушат сите“.
„Маргина бр. 21“ (1995)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи