информиран (прид.)

Што ме гледате така глупаво. Не читате весници, господине, весници, а ако сакате да останете кај мене во служба ќе морате да бидете подобро информирани.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Татко ми важеше за мошне информиран човек.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Само лошо информираните се оптимисти, често ни велеше.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Беше толку добро информиран, што не можеше никогаш да биде оптимист.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Понатаму сме информирани дека за кратко време двајцата сликари станале блиски пријатели и уживале во бројните заеднички обиколки на париските барови.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Сите се ѓаволски информирани за себе и за својата желба.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Второто навраќање на Боге од Бањи, само за да проверел колку ми напреднала работата, го искористив за да му го соопштам моето мислење дека изгледа токму бабите се најдобро информирани за однесувањето, дејствијата и последиците на смртта.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Тој, се разбира, беше претходно информиран за минување­то на Мајка низ границата и ги имаше сите информации за нејзиното предвремено враќање.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Само лошо информираните дипломати беа оптимисти за историскиот компромис.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Само наивните, односно лошо информираните дипломати или непоправливите идеалисти остануваа оптимисти во одбраната на земјата која ја претставуваа.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
•  2007: проширување на правото на работникот да одбие извршување на работа со вклучување и на правото така да постапи во случај ако претходно не биде информиран за сите можни опасности и штетности, или ако работодавачот не му го обезбеди пропишаниот здравствен преглед (Закон за безбедност и здравје при работа);
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
По ова, работодавачот – иако претходно е информиран за ваквиот потег кој би следувал –  сепак, беше видно изненаден кога судскиот курир му достави примерок од тужбата, заедно со поканата за подготвително рочиште.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Како што сум информирана, сексот е втора по големина вртелешка во овој луна парк.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Пазарува дневен весник секој ден, значи политички информиран, ама необоен.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
И Татко и Камилски, макар формирани во различни струки и со различни мајчини јазици, првиот правник, вториот професор по педагогија, сепак остануваа информирани автодидакти во нивната мисија да се справат со туѓите зборови во нивните мајчини јазици, и посебно со зборовите со опасна конотација од османскотурскиот период.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)