изостри св.

изостри (св.)

Падна една зима како мртов месец капна една зима како заклан страв Врвот од забите песни не изостри за голите гранки на погледот но пролетта ја наслути и ронливиот мак на тенката усна на детето на устата барање устата глад Капна таа зима како згазен страв Капна една зима како згасен месец
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Васко ќе се смири, ќе се загледа во дедовите мустаќи и ќе ги изостри ушите.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Да бидеш суров, против една суровост, со која сѐ уште не си стасал да се фатиш в гуша и да ги одмериш силите, да ја изостриш својата суровост во себе до секавична острина и да бидеш постојано буден против неочекуваното, ненадејното.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Писокот никнеше и се изоструваше, бел, како еден од тие гладни секачи, тој безмилосно ја растргнуваше целата ноќ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Секогаш се случуваше така, снегот да преврне а после или да заплисне југовината со својата блага бура, што ќе слисти барем една дебела половина од наврнатиот снег, што ќе размекне, ќе спитоми, ќе одврзе, а ќе му даде и нему доста вода за да си ги сврши сите работи, за кои беше дојден; или пак ќе дојде една од оние ведрини, ќе се изостри една таква при која сонцето ни во најцрвеното и најослепувачки огреаното пладне нема да биде во состојба да му излишти ниту една капка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Неговата итрост и рефлекс до тој степен се изострени што тој веднаш знае со кого има работа.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Во такви часови, додека лазарски се исправувале со нејасни радувања, очите им се изострувале како и што им доликува на умните.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се печеа на сонцето во жешко време, се пикаа еден во друг кога ќе застудеше навечер, се покриваа со ќебиња и мутафи кога ќе заврнеше дожд и стануваа жива вода; кога ќе заплускаа громови крај нив, се крстеа и го молеа бога да ги одминат; дење ловеа риби, ги следеа со очи облаците кои се згуснуваа и разретчуваа, го гледаа нивното престорување во некакви чудовишта и нагаѓаа ќе има ли дожд или не; го гледаа сонцето кое час се заплеткуваше во облаците, час подизлегуваше за да светне и да покаже дека е тука; ноќе пред за заспијат гледаа во ѕвездите, кои како што одминуваше ноќта, сѐ повеќе се намножуваа и стануваа поголеми и како да се спуштаа надолу; ја гледаа месечината која секоја ноќ се тенчеше и го изоструваше својот светол срп триејќи се од облаците; го слушаа секој шум на водата што во ноќната тишина јасно се разносуваше час потивок, чад посилен и по него дознаваа дали езерото ќе се вознемири или не.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Како навлегуваше во сивиот мрак, така му се изоструваа сетилата за мирис и слух: испарувањето од мочката на ноќните грабливки и од крвта на нивните последни жртви, трепетот на листот што паѓа и зуењето на невидливите инсекти не го оттргнаа од главната трага што ја следеше како извежбан загар.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Сликите на нејасните предмети се изострија.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Го изоструваше и сетилото за гледање, за снаоѓање во темница, одејќи со раширени зеници низ мрачната соба и алкајќи со рацете пред себе за да не се удри во некој предмет и одејќи со меки чекори како мачка.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Додека видот одново му се изоструваше, тој се сети кој е и каде се наоѓа и го препозна лицето што гледаше во неговото; но некаде во неговата глава постоеше голем празен простор, како да му е извадено парче од мозокот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Престана да размислува, го притаи здивот, ги изостри сетилата со цел шумовите да ги восприеми како гласови, да ги поврзе во зборови, во реченици...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Оттогаш си стави копче на пис устата, како по операција на слепо црево, и се зарече да си го изостри јазикот по однос на разликата меѓу блажината на дотокот и блаженството на првотокот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
2. Мојата приказна „Стасав во последен миг, но сепак го преминав прагот на авлијата 28и премрев, мислам, одеднаш: - самрачна светлост, неспокоен сјај и јарка нестивната страст која се одразува врз сѐ и во сѐ и сѐ превреднува, како премрежје - сетне, интензивен спој вибрации збрани на едно место налик на грст значења вкрстени во еден единствен збор (о, парадоксално блаженство на хомонимијата - си реков и почувствував дека допираат до тебе моите помисли, надтежнати од профаност занесени по светост изострени од долгото 'рвење меѓу принудата и поривот меѓу надворешното и внатрешното!)
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Веднаш ќе констатира дека треба: најпрво добро да го изостри своето око!
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Сето тоа лошо се одразува на иднината на Македонија, на духовниот пат на развој мора да посееме добро семе, оти: кој денес ќе посее оган, утре ќе пожнее крвава бура Сега доаѓам до еден мал одговор на сите овие прашања: Мора добро да се изостри погледот- до таа мера што ќе има моќност или моќ за опсервација, веднаш да ги види сите добри или лоши нешта, и моќ притоа да ги одвои едното од другото.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Овој судир се изострил меѓу Германија и Велика Британија кои станале главни противници за светска доминација.
„Џебна историја на македонскиот народ“ од Група автори (2009)
Напротив, многу често, токму таквите околности ја изострувале одговорноста и сочувството на борците за слобода.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК