изостави св.

изостави (св.)

Во тоа место беше се направил еден бој и многу луѓе имало истепани и изоставени по планината, та поради мршите беа се собрале орли да јадат од мршите.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
И тој е еден од адетите, та не може да се изостави ако се сака напредок.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Пријателите, харемот, ловот на срни - сѐ имаше изоставено и заборавено.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Можеби песната може да се изостави. За лагата имам и една песна. Прочитајте ја!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Но како да ја изоставиме и сегашноста?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Треба да се изостави минатото за иднината.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Знам дека политиката има некои општи цели и задачи, но зошто од нив е изоставена поединечната човечка болка?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Но, во тој случај, ќе беше изоставена убедливата истражувачка метода на Тортон Вајдлер во книгата „Мостот на светиот крал Луис“ (The Bridge of San Louis Rey) - една скрупулозна студија на биографиите, напишана со цел да ја оправда случајноста кога пет личности што не се познаваат страдаат при рушењето на еден висечки мост во Перу.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Тоа пред сѐ е првиот Ворхолов филм кој во целост е сниман со подвижна камера (ако ги изоставиме ретките зумови и движења во Vinyl и Space); парадоксално, Ворхол којшто упорно ги одбивал предлозите на своите соработници фиксираната камера да ја помести макар за милиметар, тоа обилно го правел во Nedy, кадешто самиот ја врши функцијата снимател.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Германскиот превод на Раселовиот вовед бил изоставен, бидејќи Витгенштајн сметал дека воведот би бил површен и полн недоразбирања доколку би му се одзела елеганцијата на Раселовиот англиски стил.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Од конците на новогодишната програма е изоставен само еден случај што се вика Нероден Петко.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
И уште нови некои букви покажа дрвото на вистината, кои Писмородецот, од не знам какви причини ги беше изоставил во писмото што го преподаде како свое.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ако го изоставиме пиењето, а во пиењето и не беше меѓу првите, и ако заборавиме на карањето, ама и тоа му беше на туѓ јазик, тогаш и не знам која би му била големата вина пред Господа.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Но она што навистина го рече носеше поинаква порака: - Посакувам да ме посетуваат - рече а притоа го изостави благиот укор.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
И еве го сега над оваа позиција од која му зависи дали ќе го забележи желаниот успех или ќе биде пак изоставен, сега пред самиот праг, како човек што долго чекал во редот пред театарската каса, а билетите се свршуваат токму кога тој му пристапува веќе на шалтерот.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Брзината на тие нозе што протрчуваат се пренесува во него како морничава гроза, се буди тоа чувство на ужас дека уште малку ќе биде изоставен од масата, сам и најзабележим во ова бегање.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
- Фала Богу, конечно! Ветуваш ли дека ќе ги изоставиш и сите тие цитати од умни глави?
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Како што беше веќе речено, на спомнатиот симпозиум, уводниот дел на известието на професорот Седларов беше изоставен бидејќи тој сметаше дека вметнувањето на личните збиднувања и видувања можат да ја намалат вредноста на научниот приод толку сериозно третиран во забелешките навдени во светите книги.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
При презентирањето на својот обемен труд професорот покрај воведот (за кој веќе стануваше збор) го изостави и завршниот дел во кој покренува одредени сомненија па дури и некои неразумни барања.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Таа не знаеше дека оригиналното презиме било Адамовиќ и дека Милан, во своите први денови во Америка, од ова презиме ја изоставил наставката ”овиќ” и од незнаење ја испуштил буквата „с“.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Повеќе