издави св.

издави (св.)

А за да падне мостот во широкиот вир кога ќе сакаат, тие врзаа по една ортома на двата краја на мостот и двајца се решија да се скријат во густиот врбјак, та кога ќе се накачат напаѓачите, да ги тргнат ортомите, да се урне мостот со сите луѓе што ќе бидат на него и да се издават во вирот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Како глувци ќе се издавиме, и тоа на крајот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Дождовите не престануваа, каде и да зачекореа, луѓето мислеа дека ќе се издаваат во калишта.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
- Во потопот и вашите болви ќе се издават, претскажувал старецот со вражалски ќесички под очите, едното поголемо од другото како што е поголем потпланински бадем од семка на слива; навистина оние четворица со клокотави грла за малку не умреле од незапирливо смеење, се тркалале по млада трева слични на пеливани што се борат со своите сенки, наеднаш половина дружина да попаѓа од стомачен кикот кога оној Филип Макариев го прашал со детска наивност вториот Нојо што ќе се случи ако нивните болви се удават со него а сите други ако останат во големо корито со неговите болвички, црни и скокливи внучиња со Симон-Наконтикова крв на невидливите цицалки - Ќе се давите и ќе подавате раце да ми се фатите за учкуров, ама - на! завлекол рака в појас Симон Наконтик; капнувале од невидено смеење не знаејќи ги бара ли тој болвите под гаќи да ги стисне в рака и да ги спаси од поројните води што ќе ги покријат и Содома и Гомора на вилаетот или заканувачки сака да им го покаже учкурот за кој со задоцнето јунаштво на машкоста им раскажува нови библиски поглавија; од утробата му 'ртел плач.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- И јас велам така, - се согласува дедо Иван и тогаш почнува да расправа за руската силовитост во бојот, како го поминале Дунав кога ја ослободувале Бугарија: не знам колку илјади се издавиле, направиле мост од трупови за да мине другата војска.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)