изветреан прид.
изветрее св.

изветреан (прид.)

Гласовите просто го збудалија полјакот: трча како изветреан де ваму, де таму.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Во неа ми мина векот, - рече, а потоа се сврте кон Денко, во чии очи насети чудење и рој прашања, па му објасни: - Можеби не знаеш, немале време да ти кажат, ама зимоска си ја запалив колибата, јас старо аро, изветреано. Пламна, милата, како ќибритче.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
си ја сонувам свадбата своја на бродот, над мене крикаат галебите и ме удираат со клунот и со крилјата, ми го туркаат венчето и ми го дрпаат превезот, ќе удрат во мене, па ќе удрат со мевот во морето, ќе се лизнат, замрешкувајќи ја водата со ноктите, јас се бранам вака, со двете раце се бранам, а Горачинов си ги прекрстил рацете на градите и од место не се помрднува, што се вели, се загледал некаде, гледаат и морнарите, что такое, что такое, велат, они праветрение, извеани, изветреани нѐ прават, оти не си до мене, му велам на Горачинов,
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И така народот е притеснет во стапицата на својата „судбинска линија” што му ја смислија изветреани глави и политички кабадахии.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Дал` постои барем еден сензор во оваа моја изветреана глава за да ми каже каде е?
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Турците, кои избегнуваат алкохол, ги прифатиле со радост овие семиња и ги приготвуваат во најсвечени седенки, но тој смета, кашлајќи забележа дубровчанецот, тој смета дека оваа пијачка наскоро ќе се служи и по ановите и по меаните, а особено меѓу оние што се нарекуваат поети и кои главно, и во неговиот Дубровник, ноќе ги пишуваат одите на своите љубени, и како месечари ланѕаат на месечина, пијани од љубов и изветреаност.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)