извезе св.
извезен предл.

извезе (св.)

Жените од овој крај сѐ до Илинденското востание тука носеа сосем бели носии извезени со срма и злато, носии многу живописни и надалеку чуени по својата убавина, а мажите куси облеки.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И еднаш најде зад прагот модро плико на кое со молив китнесто беше извезено неговото име.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
- Доведи ми чалгии... - нервно свика Панде и џбурна со раката во големото, со срма извезено ќесе.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Почна и тој да се облекува во скапи од чоја и од кадифе, со срма извезени алишта.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
А на корилчињата им го имав извезено името на децата. Поп Танаско ми ги напиша кога крштаваше вода...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сонот го следеше својот тек: и во него први беа скалите, дрвените скали на старата куќа по кои се качува, па кујната со маса наместена како за ручек со шарен извезен чаршав, соларник на сред и четири чинии околу, потоа надесно, кон собата во која спиев со Мајка, таму, веднаш таа-лежи на креветот, до половина покриена со јамболија под која ја насетувам мекоста на крупното тело.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Татенцето така мајсторски ќе ја извезеше сета работа, се колнам, потоа и самиот ѓавол беше втеран в шише.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Само западниот раб му е извезен со размачкано руменило во кое се навираат портокалови нишки.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Суровата игуменија Минадора рекла со скаменето лице неколку утешни зборови и го развеала манастирското знаме со извезен лик на маченикот Никита.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И капата на грофот, од оние што се ставаат на глава со цел да се размислува, и големата како планина, величенствено извезена наметка, неизбришливо ја дефинираат опремата на волшебникот којашто останала недефинирана во Шекспировата драма.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Како сакате земјите на Исток да ја достигнат зацртаната цел, ако не смеат да извезуваат ништо за да ги платат долговите?
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
На Дамата треба да ѝ се покаже убав мртовечки чаршаф извезен од приказни.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
На кулата покрив рамен, преголем, со око мерен, на покривот црно знаме со извезен волчи череп.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Како што се знае, стока извезував и преку Трст за земјите на таа страна.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Потоа го отвораше бовчалокот на момчето, здиплен во бела свила, а во него свилена кошула, свилена кравата со цветчиња, свилени марамчиња со извезени букви, свилени подризи, чорапи.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Не знам за каков привид можеше да станува збор, но наеднаш ми се пристори дека буквите што ги пишуваше Грофот, ги имав видено извезени на мали картички, помали и од личните посетници.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
А и ти беше личен во машката носија! – Требаше, со тоа, да ја покажеме древноста и убавината на нашите носии, нашата виталност... – дополни Татко. – Џамаданчето, сето извезено со сребрена срма, уште го чувам.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Како она, кога баба ми Со еден замав на лопатката од пластика Ќе извезеше црвеникава шара од смачкана мува На бело варосаниот ѕид
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Така наместо да увезуваме за 1000 евра од УСА, каде што е општо познато дека голем дел од нацијата се дебили, ние би можеле да извезуваме и да постигнеме дури и трговски суфицит.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Долга жолто-сива врволица од туристи се влечкаше по долгата дубровничка улица; витрините од продавниците беа начичкани со капи украсени со ширити, со богато извезени елеци, привлекувајќи ги погледите на минувачите кои бараа евтини подароци или на оние кои бараа костим за маскенбал на брод.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Повеќе