затворање ср.

затворање (ср.)

Организирањето на вечерните училишта за Македонците печалбари, основањето на јадрото од коешто израсна Младата македонска книжовна дружина и остриот судар со бугарските власти на Стамболов, затворањето и потоа бегството во Македонија – зборуваат дека Груев навистина бил „во бројот на сепаратистите”.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ја одминав црквата и се упатив кон постројките на „Халите“, во кои имаше ретки минувачи, а речиси сѐ беше на затворање.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Насмевката ѝ трае и по затворањето на устата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ги изнесуваат сликите, цел град се отворил, нема повеќе затворање, и гробовите ќе се отворат за да кажат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Го чу ударот на затворање на преградната врата од тремот и почувствува дека жена му го гледа додека тој ја набљудува ноќта.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Ниту другите земји ќе се ослободат од насилство и терор сè додека кокаинот и хероинот таму се произведуваат од страна на картелот криминалци. Политиката на делумна забрана би ја задржала и од морална гледна точка сомнителна пракса на затворање луѓе кои директно не ја загрозуваат околината. Таа и понатаму би сместувала во подземје еден првенствено здравствен и општествен проблем и би жигосувала поединци кои поради тоа не би можеле да дојдат до потребната помош. Истата таа политика би ги обесхрабрувала медицинските истражувања и ширењето на информации во врска со опасностите од уживање на дрога.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Таа не е праведна; затворање на луѓе поради тоа што користат некаква супстанца, дури и ако е штетна, ги крши нивните основни права сѐ додека нивните постапки директно не ја загрозуваат околината.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Беше време кога во градот крај реката идеа абери од родниот град крај езерото за интернација на блиски, за затворање на овој или оној од семејството без никаква вина.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Истото се повтори токму кога се разминуваа: беше тоа само една гримаса, едно потреперување, брзо како затворање бленда на фотоапарат, но очигледно вообичаено.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Но, и тие ги осетиле стравотиите на бомбардирањата. Бегањето во скривниците. Затворањето и мачењето на блиските во затворите.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
И во тоа општо стврднување на позициите, што настапи околу 1930-тата, некои постапки што беа одамна напуштени, во одделни случаи и пред стотици години - како затворањето без судење, употребата на воените заробеници како робови, јавните егзекуции, тортурата заради изнудување признанија, употребата на заложници и депортациите на цели народи - не само што станаа повторно вообичаени, туку беа толерирани, па дури и бранети од луѓе кои мислеа за себе дека се просветени и напредни.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Помисли, исто така, да побрза до Општинскиот центар и да остане таму до затворањето и така да си обезбеди барем делумно алиби за таа вечер. Но и тоа беше невозможно.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Рајна се побуни поради затворањето на внукот.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Бившиот учител, несреќен заради затворањето на школото, презема на себе да се изгради цвеќарница што ќе помогне да заживее Сарајаново и, еден ден, можеби да се отвори пак училиштето.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
По некој извик далеку, топот и фркање на коњ, отворање и затворање врата, замавите на метлата на Надежда во дворот уште раното, пред да може да се крене прашина, кашлицата на мајка ѝ.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
„Во Одлуката за вонредни мерки на Градското собрание се пропишани три степени за заштита: прв степен - предупредување и давање препораки; втор степен: ограничување на видови горива и на дел од сообраќајот; трет степен на вонредни мерки се темели врз забрана на користење горива, затворање на одредени индустриски погони, топлани, забрана на сообраќај.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
За да ја оправдаат политиката на масовни затворања и прогонувања, тие го лансирале тврдењето според кое немало егзархист во Солун, па и во Македонија во целина, кој не бил, барем морално, соучесник во атентатите.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Почнаа апсењата, бележењата со жолти ленти, исфрлањето од сите служби, затворањата, одведувања на принудни работи, убивањето пленици...
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Чувствуваат дека се загреваат и секој во себе на свој начин го прераскажува и тажновито и болежливо го доживува тоа чудно писмо, зашто низ секој збор гледаат по нешто од својот дом, а најмногу болка ги спржува кога се обидуваат пред очи да го доближат образот на старичката, зашто им се чини дека при секое мигливо затворање на очите -ја гледаат својата мајка.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК