залак м.

залак (м.)

Уште понепристапна стана широчината отколку во времето на Баждар кога кај багремите се преслија сложните Црни браќа - пет беспризорни момчиња, секој поинаков од другиот и секој сличен со другиот во брзото барање на најкус и најсигурен пат да го постигне она што го сака, она што ќе му донесе залак.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Димко отиде на занает кај коларот од соседната улица, Аким пак се врати кај својот мајстор во слаткарската работилница, Баждар преседе некое време зад катинар потоа се изгуби од улицата кон онаа страна на Вардар и му стана помошник на еден рибар, за некое време остана кај него на работа да ги печали тврдите залаци на црниот леб, онака како што никогаш не ги печалел.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Изутрината уште рано, кај петли време, дедот Петко стана, си го запали луленцето, си ја зеде торбичката со едно залавче лебец и ластегарката ѝ тргнаа за Витолишча.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сега не е само твој, ами и мој!— си го дупна коњот и си влезе во портата; влезе по три години, да вечера со жена, со деца и да види да останат на трпезата залаци и комади леб.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Малку благ од тиквата, малку лут од црвените пиперки, малку повеќе солен, елем, залак се топи, пиперки се шмукаат, бардакот се накрева де од еден, де од друг.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Зашто тие двајцата во едно маало растеле, другарувале, комити заедно биле, залакот леб што се вели, го делеле.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Спротивно од големината на главата, на нејзе сѐ е мало: косата го прерипува челото и почнува скоро од танките веѓи, очите се опасно ситени и пропаднати, носот е незабележлив, низ танките усни со мака би се провлекол поголем залак.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Земаа на вересија од аништата по неколку сомуни леб, но прво си го делеа сејмените меѓу себе, та што им престануваше им даваа по некој залак на сужните.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
За прв пат јасно како острица на нож блесна во неговата глава - жив закопан, и се виде во тој блесок како се задушува, како попусто завива за помош, како по неколку дни, избезумен и гладен, ги забуцна забите во својата измршавеност и се кине залак по залак.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Повеќе не се издржува: ни сон доаѓа, ни залакот е сладок...“
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Сега да почнеме со лебот и сирењето. Арсо, со незадржливиот нагон на гладно животно, откина јадар залак. Другите веднаш му се придружуваат.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ќе каснеше три-четири залаци и ќе пиеше долго и мрзливо вода и потоа легнуваше на грб.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Голтање на јадри суви залаци и спуштање во каналот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Пијанството, што го носеше крвта, сетена на острината од гладните секачи, завладуваше пред неговите очи над сите тие парталави, тела, а ударите на забите по секој празен заграб ги тераа да завиваат од таа ужасна грозница; беше една глад, кој ништо не беше во состојба да ја утоли; таа растеше со секој дофатен залак, таа побеснуваше во својот лудечки занес, разгорувајќи се, тука, пред неговиот прозорец, а нејзините писоци од болка и од настрвеност говореа и за можноста од тој испреплеткан јазел на крвавото беснило мнозина од нив да излезат и без своите сопствени колкови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кој Брезничанец за нив ќе им верува оти на два залака леб од дома дошле и не можеле колку барем да подвикнат.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Меѓу залаците, одвај наоѓајќи место, Шишман рече: - Богами, вујко, толку свет поминавме, ама вакво јадење нигде нема. Ако не се насркаш, ништо.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Меѓу залаците ги изговараше зборовите.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
4. ГОЛЕМ ЗАЛАК ГОЛТНИ, ГОЛЕМА РЕЧ НЕ РЕЧИ - притоа и сит довека и спокоен до гроба ќе си, со таа слобода и пред олтарот на ропството клечи и моли за своето право да бидеш тој што не си...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Биди слободен, мајка Б'лгарија има еден залаг леб за вакви како нас. — Го утеши Јован и, откако се почестија сите, ги покани Толета и Митра кај него на гости додека се сместат.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Седнаа близу до водата, да можат почесто да потшмрккуваат за да не им застане некој залаг во грлото, оти леќата не беше доста да можат со неа да ги поголтнуваат сувите залаци.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Повеќе