заводлив прид.

заводлив (прид.)

Сите оние, кои живеат во „сенката на молчаливото мнозинство“ веќе сега се фактички заложници на неговиот, насекаде присутен и заводлив јазик.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Му се стори како повторно да го вдишува топлиот, задушлив мирис од визбената кујна, помешан мирис на бубалки, нечисти алишта и одвратен евтин, но сепак заводлив парфем, затоа што ниту една жена во Партијата никогаш не употребуваше парфем, ниту пак можеше да се замисли да употребува.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
ТРЕТАТА ЖЕНА: А јас кога ќе се сетам, веднаш по разводот на мама и тате, ми беше интересно да заминам кај новата жена на тато, таа беше монденка, тенка и заводлива и сѐ ми ветуваше.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Заради потврда на сопственото дело во сегашноста, тој се потпира на минатото онакво какво што го согледува тој и во тоа настојување тврдоглаво ќе ги пренабрегне не само историските документи туку и фактот дека автентичноста на пронајдениот ракопис, колку и заводливо тој да нуди убедливост, не може да се провери бидејќи носи во себе субјективност на наменски пишуван животопис.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Оти има денови чиешто сонце пред да помине над нас се распрснува како жито и како зрнесто благо над главите на сватовите И грдо е тогаш со поглед заводлив да гледаш во невестата Додека среќата во нејзините очи танцува.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Затоа и ми се стори невкусно кога токму овде Катерина избрза три-четири чекори пред мене за да ја изведе онаа заводлива игра со колковите.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Упорно се задлабочуваше во текстот, прашувајќи се себеси каде греши, што е она што таа не можеше да го види, да го спознае, а сите други (компетентни и некомпетентни по тоа прашање) го согледуваат и му оддаваат огромно признание; што е она толку посебно, толку необично заводливо што тој го поседува во себе, во својот стил, во својата реторика и техника, во својата методика на пишување, што на другите им недостига.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Молежлива, блиска, маѓепсничка и волшебна, умилна, заносна и ожална, ту гласна ем тивка, мека и смирувачка, страстна и вдахновена, побожна и трогателна, заводлива и нежна, радосна и слатка, ветувачка и измамничка, се разлева по ливадата песната на штурците, го преполнува воздухот, проникнува под секоја тревка, прекинува колку за да присобере здив и одново се разлева, одекнува, тече, се шири, се издигнува и лета и постојано без прекин и престан моли: - дојди - дојди - дојди...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК